Алиу: На Клинички ќе се фаќа паркинг место со апликација
Министерот за здравство Азир Алиу, на денешната прес-конференција најави решавање на деценискиот проблем со паркинг просторот во клиничкиот центар Мајка Тереза. Тој најави паметен паркинг систем со сензори за детекција на слободни паркинг места.

„Станува збор за давање под закуп на недвижни работи со непосредна спогодба со Град Скопје заради организирање, управување, уредување и одржување на паркиралишта во Комплекс клиники „Мајка Тереза. Во следната фаза Град Скопје ќе започне со проектирање и изградба на катните гаражи и инфраструктурно уредување. Договорот ќе биде склучен на 15 години. Ќе биде имплементиран паметен паркинг систем со интегрирани сензори за детекција на слободни места, со камери со автоматска регистрација на возило, со мобилна апликација за реално време за резервации и уплати и поврзување на фискален систем и е-управување на системот“, изјави Алиу.
Онколошките пациенти имаат бесплатни паркинг места, тој додаде дека тоа ќе продолжи и во иднина.
„Пациентите кои се лекуваат тука ќе имаат цена која ќе биде достапна за нив, нема да биде комерцијална. Исто така вработените ќе имаат цена која што е достапна за админсстрација, и на крај ќе имаме цена која ќе бие комерцијална како сите паркинг места кои имаат комерцијални цели а тоа ќе се однесува на граѓани кои се паркираат од други причини или за посета на некој близок кој е во кампусот“.
Со паметниот паркинг систем Алиу најави дека ќе може да се резервираат паркинг места преку апликација.
„Едниот начин е преку апликација да резервирате паркинг место ако сте пациент, со бројот на упатот, ако тоа не го направите преку апликацијата, имајќи предвид дека граѓаните немаат толку вештини за да може тоа да се аплицира, може тука кога ќе бидат пред рампата да се скенира само QR кодот од упатот и автоматски ќе може да добијат цена за услуга којашто е намената за пациенти. Ако сте вработен ќе имате QR код како вработен или исто така ќе може да се резервира преку апликацијата, ако сте граѓанин ќе треба само да влезете, ќе се отвори рампата, ќе најдете паркинг место и ќе се плати или онлајн преку истата апликација или ќе биде стандардно како што и до сега се преку плаќање со кеш“, вели Алиу.






