Алиу одржал онлајн состанок со домашната и странската комисија кои ќе го испитуваат случајот со непотребните операции на срце
Министерот за здравство Азир Алиу денеска одржал онлајн состанок со домашната и странската комисија кои треба да го испитуваат случајот со непотребните операции на срце што се вршеле во земјава.

Алиу ги информирал експертите за досегашниот тек во постапувањето за случајот, начинот на прибирање и стандардизација на документацијата за пациентите и целта на двостепената стручна проверка.
Во оваа смисла, министерот посочил дека од странските експерти очекува да дадат независен стручен увид дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите кои ќе им бидат посочени од интерната комисија, а дополнително да помогнат во препознавање на евентуални системски празнини.
„Овој процес го водиме за да утврдиме факти засновани на медицина базирана на докази. Наодите треба да го зајакнат нашиот здравствен систем, притоа доколку се идентификува потреба, ќе пристапиме и кон измени на правната регулатива. Целта е подобар перформанс на системот, враќање на довербата на граѓаните и воведување европски стандарди“,порачал Алиу.
За време на состанокот дополнително била утврдена работната методологија по што ќе постапуваат странските експерти во рамките на втората експертска анализа.






