Алиу: Ветувањата не може да ги исполниме со дезертирање и напуштање на битката на половина пат – остануваме во ВЛЕН

Во овој турбулентен политички период, кога стариот режим ги прави последните обиди да ја затемни надежта за промени, ние избравме да не реагираме брзо. Слеговме на терен, ги слушавме нашите активисти, разговаравме со партнерите и размислувавме со смиреност и одговорност, порача Азир Алиу на денешната прес-конференција. Во име на крилото на Алијансата за Албанците кое остана дел од ВЛЕН, тој порача дека нема да се откажат пред „дестабилизирачки сценарија и ноќни договори“.

„Не дозволуваме волјата на членството и гласот на граѓанинот да бидат шверцувани. Продолжуваме да работиме таму каде што се носат одлуки и каде што се прават промените. Зашто веруваме дека нашата земја има потреба од стабилност, развој, одговорно владеење и од Алијанса која нема да ja предаде довербата добиена од граѓаните. Ние не сме тука поради лични интереси. Ние сме тука поради одговорност – за да ги претвориме ветувањата во конкретни резултати. А тоа не можеме да го направиме ако ја напуштиме битката на половина пат, дезертираме за да ги вратиме оние кои ја деградираа секоја државна и национална вредност“, кажа Алиу.

Алијансата не е создадена да биде ничија алатка, порача тој.

„Го слушнавме нашето членство. Се сретнавме со нашите активисти во секој град – од Липково до Струга. И пораката е јасна: Албанците сакаат продолжување на промената, а не враќање на старото. Оваа порака, ден по ден, се претвора во нов дух кој нема да запре. Ние нема да го нарушиме тој дух – ниту за функции, ниту за договори за општини, ниту утре за коалиции со старите сили“, додаде тој.

Денешната влада е постабилна од кога било, посветена на реформите и решена за интеграција, а Алијансата за Албанците има клучна улога во овој процес и нема да се откажеме од таа мисија, посочи Алиу на прес-конференцијата.

„Во однос на половичните состаноци на ограноците што се нарекуваат „партиски конгреси“ и кои шират поделби и етикетирања – тие не го претставуваат духот, ниту пак статутот на Алијансата. Изразуваме разочарување за навредите упатени кон албанската младина и жената во име на Алијансата, но нашата одговорност е да не го изгубиме правецот дури и кога другите се деградираат. Ќе продолжиме како рамноправен партнер во коалицијата ВЛЕН, со иста професионалност и посветеност – служејќи им на нашите граѓани со чест и решителност“, рече Алиу.

Повеќе….

(360степени.мк)

Back to top button
Close