Алкалоид не се откажува од борба против бундеслигашот Хановер
Ракометарите на Алкалоид вечерва во својата сала во Автокоманда го играат реванш дуелот од квалификациите од Лига Европа. На првиот натпревар бундеслигашот Хановер оствари висока победа од 37:27.
– Негативата е голема, но ние нема да се откажеме во ниеден момент. Со помош на нашата публика ќе се бориме. Пред мечот го добиваме и пехарот во Европскиот куп, па затоа ја повикувам јавноста во сала, прво да се израдуваме на пехарот заедно, па потоа да бидат наш осми играч, изјави капитенот Игор Ѓорѓиев.
Тренерот на Алкалоид Кирил Лазаров истакна дека сабота ќе биде убав ден за клубот бидејќи пред почетокот на дуелот ќе биде предаден пехарот за триумфот во Европскиот куп на ЕХФ по триумфот над грчкиот тим АЕК.
Од таа причина нема сомнение дека салата во Автокоманда ќе биде исполнета до последното место. Почетокот на натпреварот Алкалоид – Хановер е во 19:30 часот, а победникот од двомечот натпреварувањето ќе го продолжи во една од групите.