„Алкалоид“ отвори нова микробиолошка лабораторија – инвестиција вредна 3,1 милион евра
Нова микробиолошка лабораторија со капацитет за вршење над 20 000 анализи годишно, отвори денеска фабриката „Алкалоид“ АД Скопје. Како што соопшти генералниот директор Живко Мукаетов, станува збор за инвестиција вредна 3,1 милион евра.
На отворањето присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
-Можевме да видиме нешто што го има во најсовремените светски фармацевтски компании и горди сме што ова е македонско. Повеќе од 3 000 вработени ја градат својата иднина тука и во претставништвата на „Алкалоид“, а најголемиот дел од портофолиото на оваа компанија или над две третини, е извозно, што влијае врз зголемувањето на БДП и индустриското производство, изјави Мицкоски.
Владата, напомена премиерот, секогаш ќе поддржува вакви успешни приказни.

Според Мукаетов, новата инвестиција значи многу за проширување на портфолиото на лекови што ќе овозможи „Алкалоид“ да биде уште поконкурентна, не само во регионот, туку и во светот.
-Горди сме на новата инвестиција што ќе ни овозможи да станеме уште поконкурентни, но и Македонија како држава. Со ова ги шириме капацитетите на микробиолошките анализи на суровини, полупроизводи и готови производи. Горди сме што комапнијата продолжува со инвестицискиот циклус, рече Мукаетов.
Тој оцени дека 2025-та беше година со многу предизвици.
-Ја завршуваме годината над планираното, со вкупни приходи од над 335 милиони евра и со рекорден консолидиран износ од над 220 милинои евра, информира Мукаетов. мч/рп/
фото: МИА






