Алкалоид победнички го започна Светското екипно првенство во шах
Шахистите на македонски шампион Алкалоид, го стартуваа настапот на Светското екипно првенство за сениори во Струга со максимален триумф од 4:0, остварен вчеравечер против вториот американски тим на шампионатот.
Првенството се игра во две старосни категории, за играчи над 50 години и за играчи над 65 години, при што Алкалоид настапува во првата.
Трајко Недев и Звонко Станојоски победија со бели фигури на првата и на третата табла, додека Влатко Богдановски и Роландо Кутиров славеа со црни фигури на втората , односно четвртата табла.
„Фармацевтите“ го стартуваа турнирот како четврти носители, ранг направен според просечниот рејтинг на првите четири пријавени играчи од нивниот состав, но на таа листа се само за два поена послаби од треторангираната Италија и еден поен подобри од петторангираниот тим на Исланд.
Првото коло донесе очекувани победи и на фаворитите, првиот тим на САД и тимот на Англија.
Во второто коло, Алкалоид ќе игра против националниот состав на Словачка.
Во категоријата за играчи над 65 години, екипата на македонските ветерани (ФМ Илиќ Љубомир, ФМ Кралевски Александар, Стошевски Илија и ФМ Хаџи-Манев Љубомир, Капитен ИМ Илиевски Димитар) го направи најпријатното изненадување, победувајќи со 2,5:1,5 во мечот со далеку посилната екипа на Италија.
На двата турнири победниците ќе бидат познати по одигрување на девет кола, при што последното ќе биде на 28 септември.