АЛО, НАЧАЛНИЧЕ

Имала среќа Билјана Ивановска, кандидатка за градоначалничка на Општина Центар поддржана од „Независни заедно“, што началникот на полицијата во Скопје не бил толку ревносен како началникот на полицијата во Демир Хисар, па кога двајца полицајци дошле во 8.30 навечер да ѝ врачат покана за обвинител по кривична пријава, а не ја нашле дома, си заминале. Да им беше шеф началникот од Демир Хисар, сигурно ќе пратеше Интервентна полиција да ја бара низ градот. Да беше поранешната претседателка на Антикорупциската комисија снеможена, ќе ѝ викнеше и Брза помош, како што викна во Демир Хисар, за да ја носи директорката на гимназијата на носила на информативен разговор во полициска станица.

По реакцијата на Ивановска, Обвинителството соопшти дека надлежниот јавен обвинител телефонски ја контактирал и ѝ дал можност „доколку сака и доколку исказот во Јавното обвинителство го чувствува како некаква форма на притисок, истиот да се одложи до завршување на изборите“, затоа што станува збор за приватна кривична пријава за која Обвинителството уште не утврдило дали воопшто има основ.

И така од итен случај, толку итен што полицајците морале ноќе да ѕвонат на вратата на Ивановска, случајот стана неитен, па може да почека и по изборите.

Верувам дека станува збор за коинциденција. Обвинителите се исплашиле од премиерот Христијан Мицкоски кој секој ден ги кара дека не ги бива, фатиле масовно да расчистуваат предмети, па дошле на ред и приватните кривични пријави. Па така, во редот се појавила и некоја пријава против Ивановска од времето кога беше претседателка на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), а полицајците решиле да ѝ ја врачат истиот ден кога ја објави кандидатурата за градоначалничка на Општина Центар, поддржана од независни граѓани.

Звучи шашаво, ама функционира. Сме го виделе тоа. А богами и го слушавме.

Во Демир Хисар викнаа и Брза помош за на носилка да ја однесат директорката на гимназијата да го даде печатот, за да вработат тројца лепачи на плакати, та нема да ископаат некоја пријава од некое време од некое приватно лице против независен кандидат на избори што мора да се достави со полиција. Особено што гласот на независните граѓани им пречи на сите партии.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close