Алта Банка Битола ќе има нов надзорен одбор: Кој ќе ја преземе контролата врз работењето на банката?
Некогашната Стопанска Банка Битола, сега Алта Банка Битола на крајот од месецов ќе одржи акционерско Собрание на кое треба да се разгледаат предлозите за именување нови членови на највисокото тело Надзорен одбор, објави Македонската берза.

За членови Надзорниот одбор на АЛТА банка АД Битола се предложени сопственикот на Алта Банка Белград Давор Мацура, Уна Сикимиќ, Татјана Куљак, Вељко М. Мијушковиќ и професорот од Правен факултет Горан Коевски.
Предлогот, кој вклучува тројца претставници на најголемиот акционер – АЛТА банка АД Белград, и двајца независни членови, е дел од дневниот ред на Собранието на акционерите закажано за 27 февруари.
Во материјалите за Седницата, доставени се и биографиите на предложените кандидати.
Давор Мацура е доктор на науки по менаџмент и бизнис и основач на АЛТА Груп. Од 2008 година е активен во рамките на групацијата, а моментално е претседател на Надзорниот одбор на АЛТА банка АД Белград и на АЛТА Лизинг. Тој е индиректен краен сопственик на 95,13 отсто од АЛТА банка Белград која, пак, е 100-процентен сопственик на АЛТА банка Битола.
Уна Сикимиќ е доктор на науки од областа на банкарството и финансиите, со повеќегодишна кариера во управување со ризици. Од 2021 година е претседател на Управниот одбор на АЛТА банка Белград.
Татјана Куљак е економист и правен специјалист за корпоративно управување. Од 2021 година е CRO и CFO, како и член на Управниот одбор на АЛТА банка Белград. Повеќе од една деценија работела во Комерцијална банка Белград, главно во областа на анализа и управување со кредитен ризик.
Вељко М. Мијушковиќ е доктор по економски науки и доцент на Економскиот факултет при Универзитетот во Белград. Неговата академска кариера е насочена кон економија, финансии и корпоративно управување, со повеќегодишно искуство во високото образование.
Горан Коевски е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје и доктор по правни науки. Има богато искуство во областа на трговското и корпоративното право.
Сегашни членови на НО на Алта банка се Гордана Гацева, Стевчо Јолакоски, Антони Пешев и Игор Камбовски (fokus.mk)






