Алтернатива: „Истрагата да покаже кој се збогатил на сметка на изградбата на нов театар и библиотека во Тетово“

Новата зграда на Тетовскиот театар и библиотека започна да се гради во 2014 година, но неодамна од медиумите сите дознаа зошто се одложува оваа работа – ДУИ овој проект го претвори во дувло на корупција и изнуда на пари на граѓаните, обвинија денеска на прес-конференција од Алтернатива на Африм Гаши, една од партиите што се дел од опозицискиот „Европски фронт за промени“, каде уште членуваат Беса и ДД на Биљал Касами и Изет Меџити, а последно им се придружи и лидерот на АА Арбен Таравари.

–Тие што имаат полна уста со Европа, навистина немаат ништо заедничко со Европа. Тие се синоним за криминал, корупција и нефункционалност на владеењето на правото. Тие, со бескрупулозна клептоманија, секојдневно работат на тоа да не дојде до интеграција во ЕУ. И не само тоа, туку оваа политичка партија сериозно му штети на националниот интерес, принудувајќи стотици илјади Албанци да ја напуштат Северна Македонија и да емигрираат, барајќи благосостојба – изјави Фатон Фазлиу од Алтернатива.

Всушност, тој се повика на написите објавени во неделникот „Фокус“, кој ја истражуваше изградбата на новиот културен дом во Тетово, каде треба да бидат сместени театар и библиотека. Нашето истражување откри дека објектот се градел според менуван проект, дека надзорот бил ангажиран за багатела, а во тендерот за втората фаза биле елиминирани реномирани странски компании. Договорите поврзани со проектот чинат над 36 милиони евра, но досега се исплатени нецели 22 милиони евра.

Инаку, овој објект почна да се гради во 2014 година, со најава дека ќе биде готов за 3 години и ќе чини 13 милиони евра. Меѓутоа, десетина години подоцна, се уште не е комплетиран, а последниот рок кога тоа треба да се случи е поставен на крајот на 2025 година. Сепак,13 милиони евра е сумата само на склучениот договор во 2014 година за градежно-занаетчиски работи, бидејќи неколку години подоцна, односно во 2021 година, се склучува уште повреден договор од 23 милиони евра за внатрешно опремување на објектот.

повеќе

Back to top button
Close