Ама, ни со Трамп не е „крај на историјата“

Денко Малески

Европа е на траекторијата да биде „цивилизациски избришана“, пишува во новата америоканска стратегија. Зошто? Заради европската интеграција и „активности на ЕУ кои ја подриваат политичката слобода и суверенитетот“!?Се чини, Америка би била среќна ако европските сили се вратат назад кон своите национални традиции и ако пропадне овој наднационален експеримент. И тоа го вели претставник на држава на која сите, колку до вчера, и се восхитувавме на нејзиното национално шаренило, производ на постојаните приливи на нови бранови на доселеници од различни краишта на светот. „Секогаш кога ќе се вратам од Америка, Европејците ми изгледаат некако бледи“, ми вели Лорд Карингтон, со широка насмевка на строгото лице врамено и во црни очила.

Добро. Да речеме дека европските големи сили ќе се вратат на своите некогашни национални традиции, па така ќе го ослабат она малку од европскиот идентитет кој не обединува, ама, каде ќе се вратат Американците? Зашто, кога Трамп и Венс ни велат дека Европа ќе биде цивилизациски избришана од доселеници од Азија и Африка ако не ја смени политиката кон „етнички чисти европски држави“ ала Унгарија, која би била тогаш етнички чиста Америка. Колку до вчера, Роналд Реган се гордееше со фактор дека можеш да одиш во Германија ама Германец не стануваш, во Франција ама Францизин не бидуваш…,, додека во Америка секој кој сака станува Американец.

И кога со полициски и воени рации ќе биде протеран и последниот од десетината милиони нелегални емигранти во САД, пак ќе остане шаренилото на народи од кои е составена американската нација од 350 милиони души. Читајќи го Трамп што пишува за Европа, по аналогија, испаѓа дека идеалното решние за Америка би било враќање кон некоја форма на бела супремација. Тогаш, зарем Америка веќе не е веќе „цивилизациски избришана“?!

Признавам, ние кои сме приврзеници на концептот на либералната држава, не треба да бидеме водени само од нашите емоции кон луѓето и нивните човекови права, туку и од реалностите дека европските држави ќе ја бранат својата територија од „окупација“ и својата нација од „бришење“ при неконтролиран наплив на мигранти од несреќните држави на Азија и Африка. Зашто, Норвешка, на пример, е богата држава со малку население ама секако широко не би се отворила за наплив на мигранти. Или Данците, најсреќниот народ на планетата, нема да ја споделат среќата со мигранти кои не се асимилираат во локалната култура. Западниот свет сега „по паметот на Трамп“, почнува акции на „чистење“ од типот кој сега ќе го применува нашиот стратешки партнер Велика Британија. Ако, пак, нашата влада склучи договор за трансфер на бегалци со стратешкиот партнер преку нашата територија, да го направиме тоа како што треба, со издржана безбедносна анализа за последиците. И, ако се покаже безбедно, да бидеме добри домаќини кон овие луѓе во неволја во која никој од нас не би посакал да се најде.

Но, вакви акции, заедно со бодликавиот тел на влезовите на Европа се само времено решение. Трајното решение е инвестирање во мирот и развојот на „Третиот свет“, како што ги нарекувавме некогаш. А, кога веќе има економски развој не би било лошо да имаат и демократско уредување согласно универзалната желба на народите во светот за лична слобода и одговорна власт. И ете не повторно назад на старата тема: за универзалниот човечки порив за слобода и демократија. Не, со Трамп не е крај на историјата и на демократијата. Да ја елиминираме опасноста од светска нуклеарна војна околу Украина, да се прилагодиме на мултиполарноста на свет во кој големите сили ќе бидат задоволни од статус квото и приматот на „реалистите“ ќе остапи пред приматот на „идеалистите“ во дебатата на еден свет во постојани промени. Првите („реалистите“) кои велат дека меѓународната политика е истите проклети нешта одново и одново, со војната како постојан сопатник, а вторите („идеалистите“) кои веруаат во нејзина трансформација на подобро, слично на промените внатре во државите, и светскиот мир како остварлива цел.

 

Back to top button
Close