Аман веќе со Бугарите, има ли нешто друго
Ерол Ризаов
Кој за што, премиерот Христијан Мицкоски за Бугарите, Бугарите, па Бугарите. Од уста не ги вади. Тоа е неговата омилена тема за „убави вести“ во празниот период меѓу отворање на две градинки. Дефинитивно, Бугарите не само што се најуспешната предизборна кампања кај нас, туку и најдобро прикривање на неуспесите и свртување на вниманието на јавноста од збогувањето на Македонија од членството во ЕУ, но и од успесите на тие што повторно нѐ претркаа на тој пат, што воопшто не им беше тешко кога ние стоиме во место и не мрдаме ни чекор напред. Поточно, одиме назад. Се разбира, за тоа се виновни Бугарите, Европа и, секако, домашните предавници и непријатели.

Ајде да ја видиме малку од еден друг агол големата ѓурултија што е крена за некаков акциски план посветен на правата на малцинствата во Македонија поради што единствената забелешка стасала од Бугарија и од македонските Бугари кои го добиле планот наводно на тешко разбирлив англиски јазик.
Премиерот Мицкоски вели дека најдобри европски правници и експерти за малцински права учествувале во подготовката на овој документ и, што е најважно, ниту една друга држава (се мисли на членките на ЕУ), не ставила забелешка на овој акциски план, што, според него, само потврдува дека проблемите со Бугарија биле многу подлабоки. Мицкоски притоа изрази жалење што преходната влада влегнала во такава авантура и ги заглавила евроинтегративните процеси затоа што го прифатила ултиматумот од нашиот источен сосед.
Не знам зошто не го спомна и јужниот сосед Грција и Преспанскиот договор, веројатно затоа што веќе го смета за добар, како што кажа во една прилика и што по тој договор уследи членството на Македонија во НАТО. Инаку, за воља на вистината, евроинтеграциите ги заглави ВМРО-ДПМНЕ затоа што не беше прифатен францускиот предлог кој воопшто не го проблематизира македонскиот јазик. Всушност и никој во светот не го оспорува македонскиот јазик, ниту лингвистичката наука, ниту Обединетите нации, ниту ЕУ, ниту Грција, ниту пак Бугарија, иако тука има една задршка од бугарска страна која не се однесува на современиот литературен јазик, туку на дијалектите од кој е тој создаден. Се разбира, на ова уште одамна има дадено најдобар научен одговор творецот, кодификаторот на македонскиот јазик Блаже Конески, еден од најголемите македонски умови, кого високиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, го нарече „џуџето од Небрегово“, за што ниту тој, ниту партијата никогаш не се извинија на граѓаните на Македонија.
Општо е познато во научниот свет дека сѐ што припаѓа на Јужните Словени, па и дијалектите бугарската националистичка политика ги впиша во нивната идеологизирана историја вклучувајќи ги и сесловенските просветители Кирил и Методи како Бугари.
Зошто толку возбуда за ништо
Но, овојпат проблемот не е во тоа туку во сосема нешто друго, во намерно погрешното толкување на реакциите околу акцискиот план за правата на малцинствата, или како што се нарекуваат етничките заедници. Да го видиме одговорот на Бугарија и каде е каменот на препнување, или на злоупотреба и извртување на фактите од вмровскиот и медиумскиот хор, кои за вакви прашања имаат редовно заеднички настап.
Во соопштението на министерстото за надворешни работи на Бугарија дословно се вели: „Проценката на кој јазик треба да биде акцискиот план за правата на зеадниците што се очекува од Северна Македонија е внатрешно прашање на соседната земја и не е тема на билатералните односи. Документот ќе го спроведуваат токму нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е да биде на јазик достапен за нив. Изборот на Скопје да го претстави нацртот на овој план на своите граѓани на англики јазик е тешко да се објасни, особено ако се планира планот реално да се спроведе“.
Еве, тоа го соопштило бугарското министерство за надворешни работи што кај премиерот Мицкоски предизвика експресно да го вклучи алармот за големата опасност што се надвиснала над Македонија и тоа баш на Божик. Човек ако малку размислува со своја глава не може да не се праша добро ако сите го прифатиле овој документ, што значи ако и ние сме го подготвиле во консултација со европски експерти, ако македонскиот јазик е научно и практично признат јазик зошто толку возбуда од соопштение на МНР на Бугарија. Што толку се потресуваме од Бугарија. Очигледно потребата да се крене голема врева е во другите вести во кои ја нема Македонија во евроинтеграциите.
Зборовите на „јазик достапен за нив“ , се мисли на граѓаните, е спинот што го уптреби политиката како негација на македонскиот јазик, се разбира ако е вистина дека документот што е презентиран на малцинствата во Македонија е на англиски јазик. Зборовитде „јазик достапен за нив“ се однесува, или на македонски јазик, или на јазикот на малцинствата на кој им е презентиран акцискиот план.
Уште колку мирудии има во папазјанијата
Е, сега да видиме уште какви помалку познати мирудии се ставени во оваа папазјанија. Прво, дали овој докумет за кој малку се знае во македонската јавност навистина е презентиран на англиски јазик на малцинствата, односно на етничките заедници, или пак на македонски јазик, што би било логично како државен јазик и како комуникациски код по кој сите се разбираме меѓу себе. А, голем чекор напред би било повеќе како гест на добра волја е да се презентира на нивниот јазик. Но, како и да е, овде недоумица предизвикува очигледната разлика меѓу премиерот Мицкоски и МНР на Бугарија. Мицкоски и натаму тврди дека проблемот во документот не е содржината, туку што е напишан на македонски јазик. Вистината ќе се дознае многу бргу, а таа нема да има никакво влијание. Важно премиерот Мицкоски си ја постигна целта тој лично да биде убавата вест на денот на Христовото раѓање.
Суштинско прашање за премиерот и владата и за коалициските партнери на власт е дали нешто работат за членството на Македонија во ЕУ, или уште и натаму ќе ја спроведуваат политиката на лет во место и ќе се потпираат на обвинувањата дека сите други се виновни. За речиси две години не е направен ниту еден чекор напред за продолжување на преговорите со ЕУ. Напротив, Македонија е сместена во рубриката на тажна европска приказна со назадување во сите клучни реформски обврски. Нема никаков напредок освен во целосна поддршка на европската надворешна политика, која не се применува во нашата внатрешна политика.
Ако се суди според предизборните кампањи и ветувањата што го донесоа на власт Мицкоски требаше уште во првата година од мандатот да ги поништи договорите со Грција и со Бугарија како неостварливи, да ги поништи уставните измени, да го врати уставното име на државата, знамето од Кутлеш и да ги седне на обвинителна клупа домашните велепредавници со што ќе ја врати гордоста и достоинството на „неговиот“ народ, како што многи пати кажува. По две години на премиерската функција би требало веќе да му биде јасно дека нема од тоа ништо да направи. Ако не го прави тоа што го вети, тогаш што прави. Ништо, секој ден држи говоранции.
Премиере прашај кој знае
Мицкоски чека гаранции кои никогаш нема да ги добие. Ќе влезе во сеќавањата како уште еден премиер кој не само ништо не направи за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, туку уште полошо и тоа што е направено го обезвредни, го доведе до состојба на поништување и внесување на Македонија во изолација. А, имаше идеална шанса да си ги задржи својот став дека договорите со Грција и со Бугарија се болен компромис повеќе штетен за Македонија, по негова проценка, иако суштински не е така. Компромисот со Грција и со Бугарија беше максимумот што можеше да се добие од нашите проблематични комшии заштитени од Европа со статутарните одредби на членките на ЕУ. Можеше особено да го искористи фактот дека договорите со соседите се прифатени во Собранието и меѓународно верификувани и дека е обврзан да ги спроведе со ветување дека ќе гледа низ процесот на преговори и со членството во ЕУ да ги подобри. Тоа истото го направи и грчкиот премиер Мицотакис. Едно зборуваше како опозиционер, а сосема нешто друго како премиер, што е сосема вообичаено во политиката. Одговорноста не е иста во двете улоги.
Премиерот Мицкоски пред неколку дена кажа една реченица која одамна е присутна во новинарството – премиерот (новинарот) не мора се да знае, но мора да знае кој знае и со него да се консултира. Во сегашните силни геостратегиски промени на светот Мицкоски мора да ја чуствува огромната одговорност да не ја препушти Македонија на судбината и да престане со огнени пропагандни говори. Се бара решение, а не правда. Правда нема за многу посилни и побогати земји. Поради предизборните калкулации на премиерот Мицкоски да не испадне Македонија на крајот една ситна монета за поткусурување во односите на големите сили.
Премиере, прашај кој знае и направи го тоа ако не сакаш да останеш запаметен како листопаден политичар на кој не ќе можат да се сетат луѓето како се викаше. (nezavisen.mk)






