„Амазон“ ќе ја прошири услугата за испорака со дронови на пазарот во Европа

 Компанијата „Амазон“ во САД веќе испорачува пакети со помош на дронови, а сега најави проширување и на пазарот во Европа.

Минаа 10 години откако технолошкиот гигант ја објави новата услуга што требаше да го револуционизира пазарот за испорака. Според плановите тогаш, „Прајм ер“ услугата за испорака со беспилотни летала, денес веќе требаше да биде достапна во поголем дел од светот. Сепак, јасно е дека сѐ уште не сме блиску до тоа „летачките испораки“ да станат секојдневие, што не значи дека во некои области испораката со дрон не е достапна. Имено, „Амазон“ во две сојузни американски држави (Калифорнија и Тексас) веќе нуди испорака на намирници со тежина до 2,2 кг., а и компании како „Винг“ на „Гугл“ нудат таква достава во одредени области во САД и Австралија.

„Амазон“ сега ја објави достапноста на услугата и на европскиот пазар – првично, „Прајм ер“ ќе биде достапен во Велика Британија и Италија. Услугата ќе биде можна во ограничени области, а испораката на првите пакети се очекува на крајот на следната година.

Исто така, во „Амазон“ се убедени дека таквиот начин на испорака е „сто пати побезбеден“ во споредба со копнената испорака. Дејвид Карбон, потпретседателот на „Амазон Прајм ер“ пред новинарите нагласи дека има побарувачка за ваков вид услуги во Велика Британија.

– Никогаш не сум слушнал некој да каже дека не сака да добие нешто побрзо. Луѓето кои се во областа каде што ќе биде достапна испораката со дрон ќе може да добијат илјадници предмети со помала големина и тежина, како што се сапун, козметички производи, паста за заби, батерии и слично. Производите ќе бидат испорачани во пакување со големина на кутија за чевли и оставени на местото што клиентите го избираат при правењето нарачка, вели Карбон.

Во САД, за корисниците кои се во опсегот на испораки со беспилотни летала, „Амазон“ прво мора да ја одобри испораката, што зависи од големината на местото каде што дронот ќе ги фрли намирниците. По нарачката, треба да постави ознака за Ку-ар код на местото за испорака, што дронот ја препознава и ги остава пакетите на означеното место. Времето на испорака е само 20 – 30 минути по нарачката. „Амазон“ сѐ уште не го објавува бројот на корисници на својата летачка испорака, но затоа не ги крие амбициите – до крајот на ова десетлетие бројот да достигне 500 милиони годишни испораки на светско ниво.

Back to top button
Close