Амбасадата на САД со коментар за случувањата во Судскиот совет

По разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, од амбасадата на САД за АЛСАТ денеска уште еднаш ја истакнаа потребата од независно судство. Според нив, без разлика кој ќе го заземе местото на Дамева, има уште многу работа во однос на градењето доверба кај граѓаните.

„Амбасадата на САД се надева дека ќе има независно и одговорно судство без разлика кои се неговите раководители. Ова е од суштинско значење за градење доверба во институциите на судството во Северна Македонија“, наведуваат од Амбасадата на САД.

Но, „шлаканиците“ на Агелер не секогаш ги отрезнуваат челниците на правосудството во земјата. Наместо разрешување на апелациониот судија Енвер Беџети, кој не е директно спомнат во извештајот на американскиот Стејт департмент, но и во писмото со укор на американската амбасадорка упатена за судството, токму поради одложување на постапката од страна на Апелациониот суд, беше разрешена Весна Дамева, која, како што неофицијално дознава АЛСАТ, претходно побарала токму разрешување на Беџети.

Но, тој не само што не беше разрешен, туку потпретседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, последните две седници на оваа институција оневозможувал да се зборува за можните мерки против Беџети. Прво, го презема ракводењето на незаконски седница каде се гласаше за разрешување на Дамева, а вчера за тоа не се зборуваше поради отсуство на еден член. Претходно, американската амбасадорка Агелер рече дека не е сигурно оти ветингот во судството ќе помогне, бидејќи, како што посочи, во земја каде што има корупција, овој процес е тешко да се направи во фер и транспарентна форма.

„Корупцијата тука е рак и тоа многу проширен. Жртви на корупцијата се луѓето од оваа земја. Сакаме да направиме сè што е во наша моќ во амбасадата и во Вашингтон за да им помогнеме на граѓаните на оваа земја да го нападнат ракот“, вели Ангела Агелер, Амбасадорка на САД.

Агелер, како што изминативе денови информираше Алсат, упатила писмо до судските институции и некои членови на извршната власт. Во писмото се истакнува нејзината загриженост за судството во земјата, велејќи дека САД потрошиле над 560 милиони долари за помош, а резултати нeма.

Back to top button
Close