“Амбасади”, шести роман на Луан Старова во Бугарија

– Во бугарскиот главен град, Софија,  во издание на познатиот издавач ,,Персеј’’, е објавен романот “Амбасади” на  еден од најплодните македонски и балкански автори, академик Луан Старова.

Бугарското издание излезе под наслов “Амбасадор на земјата што нема да постои”, во превод од македонски јазик на Марин Петров. 

Ова е шести роман од ,,балканската сага’’ на Старова  кој се објавува во Бугарија, по романите: “Времето на козите”, “Враќањето на козите”, “Балкански клуч”, “Балканвавилонци”  и “ Ервехе – книга за една мајка”

Романите на Старова наидуваат на убав прием кај бугарската читателска и книжевна критика. 

Големото бугарско писателско име, академик Антон Дончев, откако ќе ја цитира мислата на Гете, наведена во воведот книгата,  дека ,,светот е само тоа што ги обединува народите’’, ќе забележи: ,, Оваа книга е рожба на нашиот свет. Таа е повик за обединување. Низ целата книга се проникнува вистината дека проблемите се заемно поврзани , идејќи од минатото се проектираат во иднината. И дека мирната и творечка соработка меѓу народите нема друга алтернатива.’’

Академик Дончев, е автор на предговорот на романот “Ервехе-книга за една Мајкa”, по повод книгата “Балканвавилонци” , прогласен за роман на годината во Македонија.

Веле Митаноски

Back to top button
Close