Амбасадите на САД во светот предупредуваат: Забранети се програмите за инклузија
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги предупреди локалните добавувачи на амбасадите и конзулатите на САД во странство, како и добитниците на американски грантови, дека мора да ја почитуваат забраната за програми за промовирање на разновидноста, еднаквоста и инклузијата, во спротивно ризикуваат да ги изгубат средствата што им се исплаќаат.
– Американската амбасада во Шпанија, како и сите наши амбасади низ светот, ги известува нашите локални добавувачи на производи и услуги за новите правила, засновани врз неодамнешните укази на претседателот Трамп, изјави портпарол на амбасадата на САД во Шпанија.
– Сакаме да осигуриме дека нашите партнери ќе ги почитуваат сите федерални закони против дискриминација и дека добавувачите нема да учествуваат во програми што промовираат разновидност, еднаквост и инклузија на начин што е во спротивност со постојните федерални закони, додаде тој.
Писмените предупредувања ја одразуваат намерата на Трамп да ја прошири примената на указите што ги потпиша во јануари и надвор од границите на САД. Тие укажуваат на тоа дека владините агенции треба да ги укинат политиките за разновидност, еднаквост и инклузија во федералните институции, кај федералните подизведувачи и во приватниот сектор.
Ова предизвика правни дилеми во САД, имајќи предвид дека долг период американските компании поддржуваа вакви политики, користејќи податоци за расна и етничка припадност за да поттикнат разновидност при вработувањето и други корпоративни практики.
Во писмо испратено до компании надвор од САД се наведува дека непочитувањето на новите барања ќе резултира со замрзнување на исплатите кон добавувачите.
Еден од засегнатите е и германскиот автомобилски гигант БМВ, кој добил писмо од американската амбасада во Бугарија, каде што компанијата продава автомобили. Во дописот се бара БМВ да ги преиспита своите политики за разновидност, еднаквост и инклузија, изјавил еден службеник. Во изјава за Ројтерс, како што пренесе БТА, БМВ порача: „Различните перспективи и таленти ја прават нашата компанија посилна и придонесуваат за јакнење на нашата иновативна сила и конкурентност“.