Амбасадорките на Словачка и на Холандија: Реформите се од клучна важност за европските интеграции

Амбасaдорките на Словачка и на Холандија, Ивета Хрицова и Узлем Џанел, на пленарната конференција на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија, што се одржа денеска во Собранието, упатија порака дека реформите се од клучна важност за европските интеграции, а дека владеењето на правото е клучна точка на пристапувањето во ЕУ.

Словачката амбасадорка Хрицова истакна дека Словачка, заедно со државите-членки на ЕУ цврсто стои зад земјава, истакнувајќи дека освен силната поддршка и техничката и финансиска помош, го споделува и искуството што тие го стекнале на нивниот пат кон ЕУ.

 

-Вашата држава повеќепати покажуваше дека има отпорност и способност да бара заеднички решенија дури и во времиња на предизвици и затоа Националната конвенција е од големо значење таа дава простор за инклузивна и експертска дискусија за реформите што се од клучна важност за европските интеграции. Ние многу добро знаеме колку е тешко да се зајакнат институциите, да се гради доверба да се спроведуваат реформи коишто ќе имаат трајно влијание. Исто така знаеме многу добро дека успехот е можен само кога реформите имаат широка поддршка меѓу граѓаните и кога тие можат јасно да ја видат нивната вредност, рече Хрицова.

 

Таа посочи дека земјите-членки одблизу го следат напредокот во многу области, а клучните области како владеење на правото, независните институции и уставните прашања кои се поврзани со пристапниот процес не затоа што се формални барања, туку затоа што овие области се ‘рбетот на секоја стабилна демократија. Тие, додаде Хрицова, креираат доверба, привлекуваат инвестиции, и им даваат доверба на граѓаните дека државата функционира за нивна корист.

-Јас сум свесна дека одлуките што ви претстојат се политички и екстремно чувствителни и многу сложени и многу тешки да се искомуницираат на граѓаните. Меѓутоа, тие исто така претставуваат можност. Секој чекор што зголемува транспарентност и го подобрува владеењето е чекор кон побезбедна и поевропска иднина за вашата држава. На денешната сесија гледам како на можност повторно да се афирмира споделената визија дека вашата држава припаѓа во европското семејство. Патот кон овие цели почива на соработката помеѓу владата, експертите и граѓанското општество. И само преку таква соработка реформите можат да бидат трајни, рече амбасадорката.

Хрицова нагласи дека Словачка е подготвена и ќе продолжи континуирано да не поддржува, да споделува експертско знаење и да креира блиско партнерство.

-Ние веруваме во потенцијалот на вашата држава и во заложбата на вашите институции и во стремежот на граѓаните кои сакаат стабилна и демократска држава во иднина, заклучи словачката амбасадорка.

Холандската амбасадорка во земјава Узлем Џанел, посочи дека ваквите платформи на дијалог предлагаат начини да се надминат познатите предизвици и регионот да се придвижи кон ЕУ. Рече дека секоја од државите од регионот е на патот кон ЕУ но во различна фаза.

Според неа, овогодинашните извештаи даваат добра проценка каде државите напредувале и каде немало напредок, најважно во борбата против корупцијата и против организираниот криминал. Дополнително, истакна, државите-членки, вклучитечно и Холандија кои се присутни во регионот ќе посветат значителни напори и ресурси да ги поддржат овие важни реформи.

-Ова е приоротет за мојата држава, да видиме стабилен и просперитетен Западен Балкан, во рамки на ЕУ. И затоа мојата главна порака е ајде да не губиме скпоцено време. За Северна Македонија клучниот предизвик е да се отклучи формалниот почеток на преговори. Ние го делиме мислењето со ЕК дека овие уставни измени треба да се извршат и спроведат и посебно за Македонија и за регионот е важно да се заврши спроведувањето на потребните реформи и конкретните области се владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, но и реформите во јавната администрација, рече Џанел.

Нагласи дека ова е конзистентна позиција на Холандија од самиот почеток и владеењето на правото е клучна точка на пристапувањето во ЕУ.

-Исто така важен предизвик во претстојниот период е и да се забрза економскиот раст и да се приближи регионот поблзу до стандардот на ЕУ. Сите држави во регионот се соочуваат со јазови во пазарот на трудот, поголема миграција на младите, дополнително државите се многу зависни од увоз на енергија и имаат јазови во инфраструктурата…Овие предизвици не можат да се решат веднаш но важно е да се нагласи дека не треба повеќе да се губи време, рече холандската амбасадорка.

Националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење Милева Ѓуровска истакна дека земјава повторно стои пред значаен и чувствителен чекор во европскиот процес, односно, формално, преговорите се отворени, но суштински стоиме таму каде што најмалку посакуваме.

 

-Трезвено и одговорно, треба да признаеме дека ЕУ не успеа секогаш да обезбеди предвидливост и заштита на процесот. Но истовремено, мора да ја видиме и целината. ЕУ останува нашиот најголем економски партнер, најважен реформски сојузник, гаранција за стабилност и безбедност, со посебна поддршка за развојот на регионот. Граѓаните имаат право да очекуваат Европа да биде посигурна во своите пораки, а процесот – заштитен од нови блокади поради билатерални спорови. Меѓутоа, мора да признаеме дека дел од она што нè притиска и обесхрабрува го храниме и самите, преку нашите внатрешни слабости, меѓу кои: владеење на правото – многу значајно за да се подобри довербата кон институциите и недостиг од сериозен пристап за санкционирање на високата корупција, рече Ѓуровска.

 

Според неа, пораката од Конвенцијата од овој панел е дека денес, повеќе од кога било, ни е потребен дијалог – транспарентен, инклузивен и фер кој ќе ја зајакне врската меѓу институциите и граѓаните, дијалог кој надминува изолацијата што раѓа паралелни вистини и овозможува да градиме заедничка слика за проблемите, независно од политичката наклоност. Додаде дека европскиот пат не треба да биде наплив на еуфорија или на скепса, туку внимателно и достоинствено движење кон крајната цел.

Back to top button
Close