Амбасадорот Виктор Габер одликуван со „Ѕвезда на Италија“

Амбасадорот Виктор Габер, кој беше првиот македонски амбасадор во Рим, е одликуван со „Ѕвезда на Италија“ заради неговата долгогодишна активност во развојот на билатералните македонско-италијански односи.

Одликувањето му го врачи италијанскиот амбасадор во земјава Карло Ромео во име на италијанскиот претседател Серџо Матарела.

На свеченоста, што се одржа во италијанската резиденција, присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски.

Амбасадорот Ромео ја образложи одлуката за доделување на ова одликување и за придонесот на Габер во воспоставувањето, одржувањето и развојот на односите меѓу двете земји во сите сфери, но и во развојот на македонската дипломатија.

Габер, заблагодарувајќи се за иницијативата на италијанската Амбасада и лично на амбасадорот Ромео и на претседателот Серџо Матарела за доделување на ова одликување, говореше за милениумските врски и соработка на народите на Апенинскиот и Балканскиот полуостров, а во тој контекст и на македонскиот и италијанскиот народ.

Back to top button
Close