Америка е рамнодушна, а ЕУ е далеку

Денко Малески

Како ќе се одрази „крајот на американската ера“ врз нашата држава заслужува внимание. Прашањата кои што се поставуваат се многу сериозни: дали, оставени сами на себе, ќе успееме да ја сочуваме демократијата и дали успешно ќе пливаме во опасното море на светската политика.

Зашто, со доаѓањето на Доналд Трамп на чело на Америка, забележувам дека нема веќе директно мешање во нашите внатрешни работи ниту во меѓународните одлуки што ги носи нашата влада. Кон нас и нашата судбина, како и кон се друго што нема трансакциска вредност, администрацијата на Трамп е рамнодушна. Тоа е лошо за нас.

Лоши се и нашите односи со ЕУ а уште полоши се односите помеѓу Америка и Европа, кои,од сојузнички, станаа безмалку непријателски. Сите овие процеси се одвиваат согласно новата безбедносна стратегија на американската администрација во кој се најавува повлекувањето на американското влијание од Европа за да се баласира моќта на Кина во Азија. Документот предвидува и добри односи со Русија и повлекување од украинската војна, како и ограничено присуство во НАТО со цел да ги брани четрите трилиони долари американски инвестиции во Европа. Македонија и ЕУ се оставени самите на себе.

Досегашниот „помирител“ во односите меѓу европските држави последниве 80 години и во конфликтите (особено меѓуетничките) во нашата држава последниве 34, си заминува. Како и ЕУ и Македонија ќе мора сама. Ќе биде тешко Македонија да ја сочува својата плуралистичка демократија. Имено, во отсуство на елементарна доверба меѓу партиите и отсуство на луѓе искрено посветени на демократијата, еднопартиското владеење ќе стане алтернативата. Добро, нема да се укинат другите партии но демократијата се повеќе ќе биде формална а власта се повеќе ќе се концентрира во рацете на една партија, онаа на власт. Национал-популизмот и натаму ќе доминира со јавното мислење на Македонија, а единствениот начи власта успешно да се носи со предизвиците на управувањето со државата ќе биде авторитарниот начин. Кога македонската демократија, не успеваше самостојно да донесе ниту една од значајните одлуки за својата држава: од приемот во ОН, Охридскиот, Преспанскиот, до договорот за добрососедство со Бугарија, тука беше либералниот хегемон Америка да помогне, ќе речат либерално настроените луѓе. Да ни наметне своја одлука со помош на домашните „квислинзи“, ќе реплицираат националистите.Сега, го нема веќе либералниот хегемон да ни се меша во внатрешните работи. Што ќе биде со нас?

Пред години, во интервју за љубљанска „Младина“ реков дека кога Македонија би била островска земја некаде далеку на Пацификот, а не на европскиот континент, ние би биле диктатура. Во свет во кој Америка веќе не го спомнува зборот „демократија“ а камоли дипломатски да интервенира во нејзин прилог, отворен е патот за политички експерименти со автократија. Конечно, доволно е некој кај нас да се угледа на примерот на Трамп кој со своето владеење е опасност за американската демократија. Отсуството на демократски традиции кај народот и кај политичарите во Македонија,пак, „природно“ влече кон автократија. Истакнат претставник на судскиот систем вели некни дека е спремен да соработува со извршната власт. Да соработува? Па, во една демократија, судската власт треба да ја контролира извршната, ако не се лажам. Резолуција против опозицијата во македонскиот парламент? Кога предавав за британскиот политички систем на студентите им велев дека владата која има мнозинство во парламентот може да изгласа што сака, па дури и да ја укине опозицијата. И што ја спречува да го стори тоа? Свеста дека тоа не се прави во една демократија. Свеста? Демократијата, во својата најдлабока суштина, е состојба на умот. Се плашам дека состојбата на умот на големото мнозинство наши политичари не е демократска туку автократска.Угоре високо, удолу длабоко. Кога ќе помислам дека на фанцуската демократија, минувајќи низ кризи и турбуленции, и требаше 129 години да се стабилизира, од револуцијата во 1789 до уставот на Дегол во 1958, за денес одново да се отвори дебата за нови промени во политичкиот систем, а нашата демократија е само 34 години стара, се прашувам што ли не чека во годините пред нас.

Back to top button
Close