Американска анализа: ЕУ во 2025 ќе биде политички нестабилна поради надворешни и внатрешни предизвици

Европската Унија ќе се соочи со сериозна политичка нестабилност во 2025 година, предизвикана од големи внатрешни и надворешни фактори, оценува американскиот аналитички центар „Геополитикал Фјучрс“ (Geopolitical Futures – GF). Според анализата, нестабилноста во соседните региони, вклучително и Србија, ќе ги продлабочи поделбите внатре во Унијата, пренесува Бета.

Во извештајот се наведува дека односите меѓу ЕУ и новата американска администрација, изборите во повеќе земји-членки каде што се очекува засилено влијание на крајната десница, несогласувањата околу политиката за Украина, инфлацијата и буџетските кратења ќе бидат клучни фактори за политичката нестабилност во Унијата.

Анализата исто така посочува дека дополнителен фактор ќе биде состојбата во нестабилните соседни региони. Според „Геополитикал Фјучрс“, српските власти се обидуваат да го смират незадоволството на граѓаните поради жртвите од урнатиот железнички објект и широко распространетата политичка корупција.

Истовремено, претстојните избори во Косово и Албанија носат зголемен ризик од етничка нетрпеливост и насилство, додека Молдавија се соочува со енергетска криза и зголемено руско влијание пред есенските избори. Како дополнителна закана за стабилноста на ЕУ се посочува и ситуацијата во Грузија, каде што проруската влада се соочува со масовни проевропски протести.

Дополнителни тензии за Европа носи и агресивната политика на Турција на Блискиот Исток, што доведува до судири со Франција и источномедитеранските земји.

Еден од најголемите предизвици за европското единство ќе биде новиот мигрантски бран, особено од Блискиот Исток, што може да ги продлабочи поделбите меѓу членките на Унијата, пренесува Бета.

Back to top button
Close