Американска судијка привремено ја блокира одлуката на Трамп да испрати војници во Илиноис
Американска судијка издаде привремена забрана со која се блокира распоредувањето на војници од Националната гарда во државата Илиноис, која го вклучува и градот Чикаго.

Наредбата на окружната судијка Ејприл Пери ќе остане во сила две недели, а на 22 октомври ќе се одржи рочиште за да се утврди дали треба да биде продолжена.Според американската војска, околу 500 припадници на Националната гарда веќе се стационирани во регионот. Неколку американски медиуми јавија дека војниците распоредени во поширокото подрачје на Чикаго вчера веќе биле активни, пренесе ДПА.
Администрацијата на Трамп ги распореди војниците со цел да го заштитат федералниот имот и службениците во Чикаго, вклучувајќи ги и агентите на Службата за имиграција и царинска контрола (ICE), од она што го опиша како „насилни демонстранти“.
Градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон во објава на X, ја нарече одлуката „победа за народот на Чикаго и за владеењето на правото“.
– Судијката Пери ги повтори многу од точките што ние постојано ги нагласувавме: распоредувањето на Трамп е нелегално, неуставно, опасно и непотребно. Во Чикаго нема бунт. Има само добри луѓе кои застануваат во одбрана на она што е правилно, изјави тој.
Националната гарда е резервна воена сила и дел од вооружените сили на САД. Таа обично се распоредува во земјата само за време на природни катастрофи, граѓански немири и други итни состојби