Американска живеачка: Плати од 55.000 долари, леб два долара, млеко еден долар…

Економијата е главна тема во САД, како земјата се наближува до конгресните избори во 2026 година. Впрочем, Трамп беше избран токму поради ветувањата дека ќе ги намали цените и ќе донесе ренесанса за американските работни семејства од провинцијата, која за него гласаше убедливо.

Иако некои макроекономски показатели упатуваат на контролирана инфлација и зголемени плати во урбаните центри, реалноста за милиони Американци е значително потешка. Стагнирачките плати во индустриските и рурални региони, поскапената храна и зголемени трошоци за живот принудуваат многумина да се откажат од стандардните животни удопства, како купување нов автомобил или планирање одмор во Европа или други странски егзотични места. Младите семејства кои сакаат да станат сопственици на домови, повторно, како и во пост-пандемискиот пероид, ги одложуваат плановите да купат и продолжуваат да рентат.

Политичките и економски приоритети на администрацијата на Трамп ја заострија ситуацијата со реформите за владино штедење и реструктуирањето на трговската и енергетската политика на земјата.

Нерамнотежа на плати, царини и инфлација

Постои регионална нерамнотежа на американските плати. Така, на пример, просечната бруто неделна плата во округот Колумбија во првиот квартал годинава достигнала до 2.000 долари, зголемување од 7.5 отсто споредбено со лани, според американското Биро за статистика. Сепак, во т.н. „рѓосан појас“ (Rust Belt), регион што некогаш беше мотор на американската индустрија, платите остануваат значително пониски. Во регионите недалеку од местото на престој на дописникот на МИА, како Пенсилванија и Западна Вирџинија, просечната годишна плата се движи околу 55,000 долари во бруто износ (или 4,600 месечно), што е под националниот просек. Истовремено, трошоците за основни животни потреби растат побрзо од платите. Во Вирџинија на пример, месечните трошоци за храна се 366 долари по лице, но 78 отсто од жителите пријавуваат дека им е се потешко да ги покријат.

Годишната инфлација во март 2025 изнесувалa 2.4 отсто, но цените на храната пораснале за 3 отсто.

Просечните цени на основните прехранбени производи во САД се високи.

Цените на млекото, јајцата, лебот и меленото говедско месо во мај 2025 година бележат стабилни, но значајни разлики поради епидемии и пазарни нарушувања.

Јајцата чинат 6 долари за една дузина. Зголемувањето на цените е предизвикано пред сè од ширењето на птичјиот грип, од што сериозно се погодени живинарските фарми низ цела земја.

Говедското месо достигна 5.5 долари за фунта (околу 0.4 килограми). Цената е под притисок на болестите кај добитокот и проблеми во синџирот со снабдување, што доведува до растечки трошоци на национално ниво.

Млекото се продава по 4 долари за галон (околу 4 литри). И покрај предизвиците во млечната индустрија, цената останува релативно стабилна благодарение на федералната регулација, наведува „Investigate Midwest“.

Цената на лебот е околу 2 долари за векна.

Освен цените на млекото, останатите намирници бележат умерено зголемување во согласност со општата инфлација. Нивната цена варира според региони, така на пример, просечната цена на јајцата во Калифорнија е речиси 9 долари, додека на национално ниво таа е речиси 5. Високите цени во Калифорнија се главно резултат на државните регулативи според кои се бара продажба на јајца од кокошки што се во слободна паша, без кафези, како и влијанието на птичјиот грип.

Монетарна политика и технолошки потенцијал

Федералните резерви ги задржаа каматните стапки на стабилно ниво од 5.25 отсто, но сигнализираа можни намалувања до крајот на годината, доколку економската активност се забави. Овој потег има цел да спречи рецесија, а воедно да го поддржи технолошкиот сектор кој претрпува нестабилност поради нејасната трговска и енергетска политика.

Економистот Нуриел Рубини смета дека и покрај овие предизвици, инвестициите во вештачка интелигенција и автоматизација ќе дадат нов поттик за продуктивноста.

-Технологијата ќе ја неутрализира краткорочната штета од трговските бариери, изјави тој, пренесе Блумберг.

Сепак, секторот на обновливи енергии и електроавтомобили, што до неодамна беше симбол за иновација и одржливост, сега се наоѓа во политичка и пазарна неизвесност.

 

Back to top button
Close