Американската бура во македонскиот песок

Декретите на претседателот Трамп ги оставија на суво пораките на американските амбасадори за борба против корупцијата во Македонија. Трамп им дозволи на фирмите да поткупуваат странски функционери. Пишува Љупчо Поповски

Само пред два месеци тоа изгледаше како бомба чии шрапнели уште долго ќе летаат низ македонската политика. Артан Груби, тој најдоверлив аѓутант на лидерот  на ДУИ,  Али Ахмети, беше ставен на  црната листа на Америка  поради корупција. Во одлуката беше наведено дека назначувањето на листата било поради тоа што тој и апелацискиот судија Енвер Беџети биле во некаков комплот за спас на Сашо Мијалков од судските прогони.

Амбасадорката Анџела Агелер  во интервју за „Слободен печат“ рече дека за неа не било изненадување што Груби се нашол на списокот. „Воопшто не бев изненадена. Бев многу задоволна“.

Анџела Агелер Христијан Мицкоски
Американската амбасадорка Анџела Агелер на средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, 2024 годинаФотографија: Pressebüro der Regierung von Nordmazedonien

Тоа беше еден месец по изборите на кои победи  Доналд Трамп,  но претседател  на САД сѐ уште беше  Џо Бајден.  По 20 јануари целата американска политика се преврте наопаку. Светилникот што изгледаше незгаслив за демократијата сега емитува други сигнали. Амбасадорката Агелер ја снема од јавниот живот во Македонија во којшто беше екстензивно присутна. Не само таа, туку и другите американски амбасадори во Европа молчат, речиси и да не се појавуваат во јавност, како да се во некое самопрогонство. И го чекаат стивнувањето на бурата и новите насоки од Стејт департментот. Ако има такви и ако воопшто стивне бурата во наредните неколку месеци. Колегите на Агелер од Белград и Софија веќе се повлекоа. Има едно правило во американската политика – сите амбасадори кога ќе дојде нов претседател да ја депонираат својата оставка. Некои од тие оставки ќе бидат прифатени, некои не.

А што би кажала Агелер за почитувањето на институциите, владеењето на правото, одговорноста на обвинителите и судиите да се раководат од законите а не од политичките интереси. Само би се заплеткала во одговорите за нешто што не е одговорна, ниту пак може да најде зборови како да го оправда мешањето на извршната власт во сите сфери на американското општество, како што тоа го прави Трамп со стотиците извршни наредби што досега ги потпиша. А Конгресот уште не расправал за ниту еден закон.

Што би одговорила ако, на пример, биде прашана, за Род Благоевиќ, поранешниот гувернер на Илиноис, кого Трамп пред пет дена целосно го помилува. Благоевиќ, кој има српско потекло од татко му, на времето беше влијателен член на демократите. Тој беше осуден во 2011 година по обвиненијата кои вклучуваа обид за продажба на испразнетото место во Сенатот што го имаше Барак Обама откако беше избран за претседател, како и под обвинение за изнуда од една детска болница во Чикаго.

Род Благоевиќ, поранешниот гувернер на Илиноис
Род Благоевиќ, поранешниот гувернер на Илиноис, кого Трамп целосно го помилуваФотографија: Vincent Alban/REUTERS

Благоевиќ беше осуден по 17 федерални обвиненија за корупција во 2011 година. Toj беше отповикан со огромно гласање на законодавниот дом на Илиноис. Благоевиќ беше осуден на 14 години затвор и отслужи осум години пред Трамп да му ја ублажи казната пред пет години. Благоевиќ остана на тврдењето за својата невиност и ги обвини федералните обвинители за спроведување на политички мотивирано гонење. Некогаш влијателен демократ, Благоевиќ сега се нарекува себеси „трампократ“ и собра пари за кандидатурата за реизбор на Трамп. Сега е меѓу најсериозните кандидати за амбасадор во Србија.

„Најодвратното злосторство“

Што би можела да каже и за именувањето за амбасадор во Франција на Чарлс Кушнер, татко на неговиот зет за ќерката Иванка,  Џаред Кушнер.  „Тој е феноменален бизнис лидер, филантроп и склучувач на договори, кој ќе биде силен застапник што ќе ја претставува нашата земја и нејзините интереси“, напиша Трамп во објавата на „Truth Social”.

Чарлс Кушнер, кој работеше во истиот бизнис со претседателот,  развивач на недвижнини, беше помилуван од Трамп во 2020 година по пресудата во 2005 година по федерални обвиненија. Познатиот Крис Кристи, кој го водеше случајот како обвинител на Њу Џерси, во 2019 година рече дека Кушнер извршил „едно од најодвратните злосторства“ што ги гонел.

Кушнер, кој во тоа време беше под истрага за давање нелегални придонеси во кампањата, го таргетираше неговиот зет Вилијам Шулдер, кој стана сведок на федералните обвинители во нивниот случај против демократски донатор. Како дел од заговорот, Кушнер ангажирал проститутка за да го намами Шулдер да има секс во мотел додека сето се снимало со скриена камера. Потоа, снимката од средбата била испратена до сестрата на Кушнер, која е сопругата на Шулдер. На крајот, трикот за заплашување не успеа, а сестрата се сврте против Кушнер.

Кушнер се изјасни за виновен во 2005 година по 16 точки од обвинението за затајување данок, една точка за одмазда на федерален сведок и друга точка за лажење на Федералната изборна комисија. Тој беше осуден на две години затвор. Навистина, „феноменален бизнис лидер и филантроп“, како што вели Трамп, кој ѝ напакости на својата сестра, го местеше зетот со проститутка.

Или може да одговори на тоа како судството е независно во случајот со градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс. Градоначалникот на Њујорк има огромна моќ, поголема од гувернерите на повеќето американски држави. Пред неколку дена Министерството за правда им наложи на обвинителите од Њујорк да се откажат од случајот против Адамс, кој беше обвинет за примање незаконски придонеси во кампањата и поткуп за бесплатно или патувања со попуст на луѓе кои сакале да го купат неговото влијание.

Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс
Градоначалникот на Њујорк, Ерик АдамсФотографија: Angela Weiss/AFP

Вршителот на должноста заменик-државен обвинител Емил Бове (претходно адвокат на Трамп) во понеделникот со меморандум им наложи на обвинителите дека случајот треба да се отфрли за да може Адамс, кој е демократ, да помогне во антимиграциската програма на Трамп.

Некои од обвинителите имаат професионални доблести. Највисокиот федерален обвинител на Менхетен, републиканката Даниел Сасун, во еден пркосен професионален гест во четвртокот поднесе оставка наместо да ја почитува наредбата на Министерството за правда да се откаже од обвиненијата за корупција против Ерик Адамс. Сасун, конзервативна републиканка, беше именувана за вршител на должноста федерален обвинител на 21 јануари, ден по заклетвата на Трамп. Канцеларијата што таа ја водеше до четврток е меѓу најголемите и најистакнатите обвинителства во САД, со долгогодишно искуство во справувањето со малверзациите на Волстрит, политичката корупција и меѓународниот тероризам. Оставки поднесоа и уште двајца високи обвинители во дистриктот Менхетен. Одлуката на Министерството за правда да го затвори случајот поради политички математики, а поради слабоста на доказите, вознемири некои обвинители од кариера кои рекоа дека тоа е отстапување од долгогодишните норми.

Комплицирани работи на кои е тешко да се даде одговор. Не дека Анџела Агелер е виновна за тоа, но треба да дава објаснувања за работи против кои зборуваше овде во последниве две и пол години, а нејзината нова влада сега ги прави нив со забрзано темпо.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close