Американската морнарица собори ирански дрон во Арапско Море и спречи заплена на трговски брод во Ормутски Теснец


– И покрај дипломатските напори за одржување на разговори помеѓу САД и Иран, со цел намалување на тензиите на Блиски Исток, денеска во Арапско Море и Ормутски Теснец регистрирани се две провокации од страна на иранската Револуционерна гарда (ИРГЦ).

Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) соопшти дека борбен авион на американската морнарица во Арапско Море соборил ирански дрон, што се приближувал кон носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“.

– Ирански дрон Шахед-139 агресивно се приближуваше до носачот на авиони со нејасна намера и продолжил да лета кон него и покрај преземените мерки за деескалација од страна на американските сили што дејствуваат во меѓународни води, се наведува во соопштението на ЦЕНТКОМ.

Иранското беспилотно летало е соборено од авион Ф-35Ц од носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“, што пловел на околу 800 километри од јужниот брег на Иран.

Во соопштението се наведува дека во инцидентот нема повредени американски војници, ниту е оштетена опремата.

– Борбен авион Ф-35Ц од бродот „Абрахам Линколн“ собори ирански дрон во самоодбрана и за да го заштити носачот на авиони и неговиот екипаж, изјави портпаролот на ЦЕНТКОМ, Тим Хокинс.

Тој истакна дека тоа е втор инцидент денеска. Претходно во Ормутски Теснец два чамци на ИРГЦ и дрон Мохаџер се приближиле кон трговски брод, што пловел под американско знаме.

Иранските бродови со голема брзина се приближиле до трговскиот бродот и се заканиле дека ќе запленат.

– Иранските бродови со голема брзина трипати го поминале бродот, додека над него надлетувал ирански дрон „Мохаџер“. Иранците заканиле дека ќе се качат на танкерот и ќе го запленат. Танкерот беше во меѓународни води. Американските воени сили што дејствуваат во регионот веднаш реагираа на иранските закани. Разурнувачот „УСС Мекфол“ го испрати танкерот надвор од областа со одбранбена воздушна поддршка од американските воздухопловни сили, посочи Хокинс

Инцидентите се случуваат додека дипломатите се обидуваат да организираат преговори помеѓу Техеран и Вашингтон за иранската нуклеарна програма. Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ако не се постигне договор на Иран ќе му се случат „лоши работи“.

В петок е предвидена средба на шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи со американскиот специјален претставник Стив Виткоф во Истанбул.

Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан на платформата Икс објави дека му наложил на Арагчи „да води фер и правични преговори, водени од принципите на достоинство, разумност и целесообразност“ додавајќи: „под услов да постои соодветна средина – таква без закани и неразумни очекувања“

Back to top button
Close