Американската војска запре и заплени ирански танкер во Индискиот Океан

Американските воени сили запреа танкер за нафта под санкции во Индискиот Океан откако го следеа од карипските води, соопшти денеска Пентагон, додавајќи дека тоа е трета таква операција.
Во соопштението на Икс, американското Министерство за одбрана соопшти дека неговите сили се качиле на бродот „Берта“ во текот на ноќта, тврдејќи дека танкерот за сурова нафта се обидувал да тргува и покрај санкциите поврзани со Иран.
„Берта“, што пловел под знамето на Куковите Острови, е поврзан со компанијата за управување со бродови „Шангај Леџенди Шип Лимитед“ и е предмет на санкции воведени во јануари 2020 година, според Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД.
Последната пријавена позиција на бродот на системот за следење на AIS беше на 24 февруари, кога пловеше во Индискиот Океан покрај Малдивите, според податоците на „МаринТрафик“.
„Во текот на ноќта американските сили спроведоа без никаков отпор поморско запирање и влегување на „Берта“ во зоната на одговорност на Пацифичката команда на САД (INDOPACOM). Бродот дејствуваше спротивно на изолацијата на бродовите под санкции на Карибите, што ги воведе претседателот Трамп,и се обиде за избега“ напиша Пентагон. „Го следевме од Карибите до Индискиот Океан, а потоа го запревме.“
„Сите три такви брода што досега пловеа се пресретнати“, додаде Пентагон без да елаборира.
Претходно овој месец, министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека американските воени сили се качиле на танкерот „Аквила II“, а во јануари САД запленија танкер за сурова нафта „Маринера“ поврзан со Венецуела.






