Американски Апелациски суд одлучи администрацијата на Трамп засега да не ги враќа спомениците за ропството

Администрацијата на Трамп засега не мора да ги враќа спомениците и изложбите за ропство, расизам и други теми во националните паркови и јавните простори, откако Апелациски суд вчера ја укина привремената наредба на понизок суд со која се бараше да се поништи отстранувањето, јавува ДПА.
Предметот се однесува на промените на јавните изложби и комеморативните места извршени од минатата година по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во март минатата година му нареди на Министерството за внатрешни работи да ги разгледа сите споменици, плочи, статуи и слични изложби за да утврди дали тие ја прикажуваат историјата на САД во негативно светло.
Извршната наредба, насловена како „Враќање на вистината и разумот во американската историја“, го наведе тоа што Трамп го опиша како широк обид за преобразување на историјата на земјата како расистичка и угнетувачка. Каде и да се утврдеше дека е тоа случај, изложбите, спомениците или натписите требаше да се променат или отстранат, потсетува германската агенција.
Плочите што се однесуваат на ропството исчезнуваа низ целата земја, вклучително и во поранешниот дом на Џорџ Вашингтон во Филаделфија. Референците за климатските промени, кои Трамп не ги смета за закана, исто така, беа отстранети на многу места, а неколку историски, конзервациски и научни групи поднесоа тужба поради мерките.
Пред околу три недели, федерална судијка во Бостон издаде привремена забрана со која ги блокираше дејствијата на администрацијата. Судијката во пресудата наведе дека администрацијата се обидува „ националната историја да ја избрише со пенкало“.
Нејзината наредба беше упатена до Службата за национални паркови, која ги надгледува националните паркови и е одговорна и за јавните споменици. Судијката нареди сите споменици и експонати отстранети според извршната наредба да бидат вратени на своите места во рок од 21 ден, потсетува ДПА.
Администрацијата засега веќе не мора да го прави тоа, иако пресудата за суштината на случајот сè уште е во тек






