Американски федерален судија привремено го блокираше принудното „отсуство“ на 2.200 вработени во УСАИД
Американски федерален судија привремено го блокираше од страна на владата на Доналд Трамп планираното принудно „отсуство“ на 2.200 вработени во Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД). Претставници на вработените претходно поднеле тужба. Тие тврдат дека администрацијата на Трамп нема овластување да ги испрати вработените на „административно отсуство“. Судијата нагласи дека неговата забрана е само привремена додека трае судскиот спор.
Претходно оваа недела, американската влада објави дека ќе испрати на „отсуство“ голем дел од своите вработени почнувајќи од овој викенд. Сите директно вработени се на „отсуство“ од петок, 23:59 часот (време во Вашингтон), со исклучок на вработените на позиции кои се неопходни и од одредени програми. Според извештаи на медиумите, американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио изјавил дека само неколку стотици вработени ќе бидат исклучени од мерката.
„Масовните кратења на персоналот, затворањето на канцелариите и присилното преместување на овие лица ги надминаа овластувањата на извршната власт и ја нарушија поделбата на власта“, изјави Карла Гилбрид, адвокатка на синдикатите, на судското сослушување. Претставникот на Министерството за правда, Брет Шумејт, аргументираше дека претседателот одлучил „дека во УСАИД има корупција и измама“.
Таблите од седиштето на УСАИД се веќе отстранети
Во петокот (7.02), работниците го покрија името на агенцијата УСАИД на таблата пред нејзиното седиште во Вашингтон. Металните букви над влезот се отстранети. Покрај тоа, беше спуштено и едно знаме. Пред влезот беше поставен букет цвеќе. Трамп на социјалните мрежи за УСАИД напиша: „ЗАТВОРЕТЕ ГО“.
За УСАИД работат околу 10.000 луѓе, од кои две третини се надвор од САД. Не сите се директно вработени во УСАИД, дел од вработените работат како локални изведувачи. Трамп ги замрзна средствата за агенцијата уште во јануари. Отпаѓањето на американската развојна помош би имала големо влијание во светот. САД се сметаат за најголема донаторска земја во светот.