Американски и ирански дипломати ќе преговараат за нуклеарната програма на Иран

Делегации од високи дипломати од САД и Иран денеска во Женева ќе преговараат за иранската нуклеарна програма со посредство на Оман, објавија агенциите.

Двете делегации ќе бидат предводени од иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф.

Разговорите меѓу нив ќе се одржат индиректно во Амбасадата на Оман во Женева. Разговорите ќе се одржат во контекст на затегнатите односи меѓу Вашингтон и Техеран откако иранските безбедносни сили брутално го задушија бранот протести минатиот месец, во кои загинаа илјадници луѓе.

Како одговор, американскиот претседател Доналд Трамп им се закани на владетелите на Исламската Република со воена интервенција и испрати носач на авиони на Блискиот Исток.

Првиот круг преговори за намалување на тензиите меѓу двете земји се одржа во главниот град на Оман, Мускат, претходно овој месец.

Главна тема на претстојниот дијалог во Женева ќе биде спорната нуклеарна програма на Иран.

Вашингтон со години се обидува да ја спречи иранската влада да се здобие со нуклеарна бомба. Техеран изјави дека е подготвен да разговара за ограничувањата на неговата нуклеарна програма ако САД се подготвени да ги укинат строгите економски санкции.

Иран соопшти дека не е подготвен да преговара за други прашања, како што се ограничувањето на својот ракетен арсенал или прекинувањето на поддршката за вооружени групи.

Back to top button
Close