Американски окружен судија ја отфрли тужбата за клевета на Трамп против „Њујорк тајмс“
Американскиот окружен судија Стивен Меридеј денеска ја отфрли тужбата за клевета на американскиот претседател Доналд Трамп од 15 милијарди долари против „Њујорк тајмс“.
Судијата Меридеј рече дека Трамп прекршил федерално процедурално правило кое бара кратко и јасно наведување на причините за барање правна заштита, додавајќи дека тужбата не е јавен форум за навреди или заштитена платформа за изразување на гневот против противниците, јавуваат британските медиуми.
Меридеј му даде на Трамп рок од 28 дена да поднесе изменета тужба.
Трамп поднесе тужба против „Њујорк тајмс“ поради неточно известување и коментари за него.
Тужбата, поднесена во суд во Флорида, го обвинува „Њујорк тајмс“ дека е „гласноговорник на Демократската партија“ и наведува серија статии, вклучувајќи ја и поддршката на насловната страница на демократската кандидатка Камала Харис пред минатогодишните претседателски избори, објави Политико.
Трамп во објава на социјалната мрежа Truth social изјави дека „дегенерираниот“ Њујорк Тајмс се занимавал со „децениски лаги за вашиот омилен претседател, моето семејство, мојата работа, движењето „Америка на прво место“ и нашата нација како целина“.
„На Њујорк Тајмс му беше дозволено предолго слободно да лаже за мене, да ме клевети и да ме оцрнува, и сега тоа престанува“, наведе Трамп на својата мрежа за тужбата.
Во тужбата се тврди дека известувањето на „Њујорк Тајмс“ го оштетило „уникатниот бренд“ и деловните интереси на Трамп, вклучително и вредноста на акциите на неговата медиумска компанија, предизвикувајќи „штета на репутацијата“ во вредност од „милијарди долари“.