Американски суд наложи исплата на средства за Радио Слободна Европа
Американскиот окружен судија Ројс Ламберт вчера го одобри барањето на Радио Слободна Европа (РСЕ) по тужбата против Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ) и нареди веднаш да се исплатат средствата за мај на РСЕ.
Ламберт го отфрли аргументот на УСАГМ дека Агенцијата не е обврзна да ги исплати средствата бидејќи други донатори наводно планираат финансиски да го поддржат РСЕ.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 14 март потпиша декрет со кој беа стопирани грантовите за продемократските медиуми, обвинувајќи ги дека промовираат либерално пристрасна агенда, меѓу кои и РСЕ и Гласот на Америка.
РСЕ продолжи да емитува програма, но ги намали расходите, а стотина вработени испрати на принуден одмор, а на хонорарните соработници им ги откажа договорите.
РСЕ е приватна, независна меѓународна новинска организација, чие програми на повеќе платформи неделно имаат 50-милионска публика во 23 држави, меѓу кои Русија, Украина, Иран, Авганистан и Пакистан.