Американскиот државен секретар на средбата со Лавров побара да се запре со убивањата
Државниот секретар на САД Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, се сретнаа денеска, еден ден откако претседателот Доналд Трамп ја нарече Москва „хартиен тигар“ и изјави дека Украина може да ја врати својата окупирана територија.
Рубио и Лавров, заедно со своите делегации, се сретнаа на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. На состанокот присуствуваше и амбасадорот на САД во Обединетите нации, Мајк Валц.
Средбата траеше околу 50 минути. Лавров не одговори на прашањата додека си заминуваше, вклучувајќи ги и оние за тоа дали е загрижен за промената на тонот од страна на Трамп и дали американскиот претседател ѝ го свртел грбот на Русија.
Портпаролот на Стејт департментот Томи Пигот објави кратка изјава по состанокот, наведувајќи само дека Рубио „го повтори повикот на претседателот Трамп да се запре убивањето и потребата Москва да преземе значајни чекори кон трајно решавање на војната меѓу Русија и Украина“.
Со месеци, Трамп велеше дека Киев најверојатно ќе треба да отстапи територија на Русија за да се стави крај на војната. Но, Трамп вчера ја смени реториката по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски .
„Откако ја запознав и целосно ја разбрав воената и економската ситуација меѓу Украина и Русија, и откако ја видов економската неволја што ѝ ја предизвикува на Русија, мислам дека Украина, со поддршка на Европската Унија, е во позиција да се бори и да ја ОСВОИ цела Украина назад во нејзината првобитна форма“, напиша Трамп. „Со време, трпение и финансиска поддршка од Европа, а особено од НАТО, првобитните граници од каде што започна оваа војна се многу реална опција. Зошто да не?“
Тој, исто така, сугерираше дека Русија е „хартиен тигар“, додека ја критикуваше нејзината војска.
Зеленски рече дека верува оти Трамп е свесен за „повеќе детали“ и дека американските разузнавачки служби сега се повеќе усогласени со ставот на Украина. Исто така, останува да се види дали промената на реториката на Трамп ќе доведе до промена на политиката.
Русија брзо возврати дека е „мечка“, а не „хартиен тигар“, и дека Трамп згрешил.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Трамп „ја слушнал верзијата на настаните на Зеленски. Очигледно, таа верзија е причината за оценката што ја слушнавме. Не можеме да се согласиме со сè овде“.
– Ќе имаме можност да ја пренесеме нашата оценка за неодамнешните настани на американската страна. Особено, (рускиот министер за надворешни работи Сергеј) Лавров ќе има состанок“, додаде Песков.
Рубио, на вчерашниот состанок на Советот за безбедност на ОН за Украина, предупреди дека ќе „дојде момент кога ќе мораме да заклучиме дека можеби нема интерес за мирно решавање“ од Русија и дека „трпението на Трамп не е бесконечно“.