Американскиот и германскиот рецепт за корупција


Денко Малески

Само за да не се зафатиме со решавање на проблеми, спремни да повторуваме како „зид со глава не се руши“, тешко ни е да ги разбереме Американците кои сметаат дека „секој зид е врата“. Треба само да се засукаат ракавите и да се тргне во акција. Таков е и ставот на американската амбасадорка која од сојузничка земја, во име на својата влада, бара резултати во борбата против корупцијаата, веднаш. Најавената комисија од Вашингтон треба да направи врата во зидот на корупцијата.

Како „ќе лови“ корумпирани поединци и како ќе ги суди на територија на една суверена држава е нејасно. Мислам дека она што може да го стори комисијата е да извлече на виделина поголеми коруптивни случаи кои ги покрила прашина а за кои и самите имаат сознанија и докази и да притиска до моментот на нивната судска разврска низ домашните истражни и судски инстанци.

Ѓаволски тешка работа. Ние, како што вели уште една поговорка, „ниту се водиме ниту се тераме“. Сепак, моментот како да го карактерзира една нова ситуација: сега кога етничката рамноправност е стварност во Македонија, комисијата би можела, со решавање на еден, два такви познати случаи, да ги постави темелите на правната држава. Принципи околу кои ќе се обединат граѓаните припадници на сите етнички заедници. Ова се однесува за големата политика.

Но, нечесно и измамничко поведение со кое се злоупотребува позицијата на моќ за лична корист а на сметка на други, го има на сите нивоа на одлучување во македонското општество, предупредува германската амбасадорка. Нејзиното видување е карактеристично за германската политика која не верува во успешна борба со корупцијата само преку смена на државното раководство (како во Украина во 2014, на пример), туку преку работа на промена на свеста на луѓето. Зашто, сепак, основниот проблем е во нас како луѓе.

Политичките институции, па и политичарите, се само проекција на тоа какви сме ние самите. Во нас е – духот на законите! Манифестација на тој дух е моралната посветеност на почитувањето на правилата, на отпорот кон арбитрерноста и кон секакво корумпирано и каприциозно поведение спротивно на законите.

Во праксата, духот на законите во едно општество се манифестира низ моралната посветеност на луѓето кон вистината, еднаквоста, правдата. Таква морална посветеност е многу ретка кај нас. Кој се дрзнал да биде раководен од такви принципи во своето поведение, скапо платил. Имено, секаков отпор на „моралниот човек“ кон „неморалното општество“, е на негова лична штета. Затоа не верувајте кога некој ќе каже дека само кај „другите“ има корупција или дека за една трула крушка не се фрла цела гајба.

Комбинацијата на американскиот и на германскиот пристап е исправниот начин да се удри по корупцијата во Македонија.

Да се паѓа во очај пред нашиот ориентален митаџиски менталитете кој не знае за отчетност па заташкува, мрси и раскашавува се, и да не се превзема ништо додека работите не се сменат во свеста на луѓето, не е решение. Не е решение ни една акција на истражна комисија од Америка .

Потребно е многу труд и морална посветеност од наша страна за да стасаме до доброто општество. Општество без корупција? Тоа, како и демократијата, впрочем, се само идеали по кој посегаме. И посегајќи така по идеалот, го подобруваме нашето живеење.

Токму како во приказната за стариот селанец кој, пред да умре, им рекол на синовите дека закопал ќуп злато во нивите. Злато немало (како што нема ни општество без корупција) но, копајќи во потрага по ќупот, синовите ја облагородиле земјата која раѓала плодови и им обезбедила добра живеачка.

Back to top button
Close