Американскиот пијанист Стивен Бјус вечер на „Охридско лето“

Американскиот пијанист Стивен Бјус вечер ќе одржи концерт во црквата „Света Софија“ во рамки на 61. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Бјус, како што информира Националната установа „Охридско лето“, е роден и пораснат на фарма во источен Вашингтон. Пијано почнал да учи на петгодишна возраст, а на само девет години дебитирал со оркестар. Студирал на колеџот „Витман“, на „Џулијард“ и на универзитетот „Стоуни Брук“, а негови професори и ментори биле Леонард Рихтер, Роберт Мекдоналд, Гилберт Калиш, Кристина Дал и Паулет Ричардс.

– „Неверојатно оригинален… уникатен изведувачки пристап“ се зборовите со кои критичарот на магазинот „Фанфари“ го опишува настапот на Стивен Бјус, кој во само четири месеци се закитува со прва награда на натпреварот „Џина Бахауер“, прва награда на меѓународниот натпревар „Вендом“ во Лисабон и ја добива стипендијата „Макс Ален“ од страна на Асоцијацијата на американски пијанисти во Индијанаполис, стои во информацијата за Бјус.

Како победник на натпреварот на школата „Џулијард“, дебитира во „Карнеги хол“ со оркестарот на „Џулијард“ под диригентската палка на Џејмс Де Прајст изведувајќи го Концертот бр. 3 од Прокофјев. Настапувал како сoлист со оркестарот „Гулбенкијан“ во Лисабон, „Тиволи“ во Копенхаген, оркестарот на операта на Тбилиси, „Нортвест синфониета“ во Сиетл, Кралската филхармонија на Мароко, „Васа“ симофнискиот оркестар во Финска како и со оркестри во Хамбург, Индијанаполис, Нешвил, Санта Фе, Јута, Форт Ворт, Тусон, Џексонвил и др. Рециталните настапи го водат во „Вигмор хол“, во салите „Гаво“ и „Корто“ во Париз, театарот „Сан Карло“ во Неапол, салата „Вајл“ во Карнеги Хол, како и во Шангај, Пекинг, Казахстан, Русија, Финска, Швајцарија, Португалија, Германија, Кина, Франција, Италија и Чешка.

Back to top button
Close