Американскиот потпретседател ги шокираше сите во Минхен – ги спореди европските лидери со тирани
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ги спореди сегашните лидери на европските земји со тираните и автократите кои водеа репресивни режими низ Европа за време на Студената војна.
„Кога гледаме како европските судови ги откажуваат изборите и високи функционери се закануваат со откажување на други, мораме да се запрашаме дали се држиме до доволно високи стандарди“, рече Венс на Конференцијата за безбедност во Минхен, Германија.
Венс повлекол паралели меѓу, како што го нарече, угнетувачко потиснување на слободата на говорот денес и автократиите на 20 век, објави Си-Ен-Ен.
„Во текот на животот на многумина од вас во оваа просторија, Студената војна ги спротивстави бранителите на демократијата против многу повеќе тирански сили на овој континент“, рече Венс, продолжувајќи:
„Размислете за страната во тој конфликт што ги цензурираше неистомислениците, затвораше цркви, ги откажа изборите. Дали тие беа добри момци? Тие сигурно не беа. И фала му на Бога, тие ја загубија Студената војна. Тие загубија затоа што не ги ценеле или почитувале сите неверојатни придобивки од слободата”, рече Венс, додавајќи:
„Не можете да ги натерате луѓето да мислат, чувствуваат или веруваат во она што го сакате… За жал, кога ќе ја погледнам Европа денес, понекогаш не е толку јасно што се случи со некои од победниците во Студената војна“.
Американскиот потпретседател одржа остар говор против европските лидери за наводно потиснување на слободата на говорот и „бегање од страв од сопствените гласачи“.
Венс наведе низа од, како што рече, премногу репресивни европски одговори на неортодоксните политички ставови.