Јамка околу вратот на ЕУ

За македонската влада е мошне поважно, наместо да се врти кон датумите во европското неопределено време, да се сврти кон реформите кои на македонските граѓани ќе им овозможат барем малку подобар живот – овде и сега, – со помалку корупција, криминал, непотизам, длабоката партизација на вработувањата и со засилена борба за јакнење на судството и правната држава.

Премиерот Димитар Ковачевски повторно го изрази своето уверување дека Македонија до 2030 може да стане полноправна членка на ЕУ. Доколку сѐ оди според предвидувањата, вели Ковачевски, „што ги имавме кога ја правевме преговарачката рамка“. Значи, предвидувања што се темелат врз сериозна доза на позитивни очекувања.

Македонија по повеќе децениските блокади и ставање вета конечно се доближи до пристапните преговори за ЕУ-членство. И понатаму е присутен оптимизам и извесен ентузијазам дека замаецот на евроинтеграциите најпосле го допре и рѓосаниот (од долго чекање) македонски запчаник, без оглед на тоа што реалните очекувања дали развојот навистина се одвива во таква насока, се всушност мошне поделени во македонската јавност.

Но во каква кондиција е ЕУ за да собере сили и доволно енергија за повторно отворање на својата порта пред чекалната во која и понатаму се туркаат земји аспирантки? Кои фактори влијаат политиката на проширувањето да доживува хаварии во последните години? И дали охрабрувачките изјави на водечките ЕУ-лидери, дека „проширувањето на Исток е добивка за сите“ (Олаф Шолц), се израз на реалната поддршка што и понатаму постои во земјите-членки за забрзување на овој процес?

Кога зборуваме за очекувањата, тие постојано се врзуваат за промените на ротирачкото претседателство до ЕУ, посебно кога претседавачката палка ја преземаат членки за кои се смета дека би можеле да дадат придонес со ставање на проширувањето во фокусот на ЕУ-агендата. Актуелното чешко претседателство, – откако германскиот канцелар Шолц, како и претседателката на Европската комисија, Дер Лајен, го посочија правото на вето како еден од клучните проблеми што ги успоруваат евроинтеграциите и им овозможуваат на одделни земји-членки да ги кочат другите, – деновиве изрази надежи дека би било можно да се направи исчекор во однос на укинувањето на ветото во одредени подрачја.

Но за такво нешто најнапред е неопходно отворање на ЕУ-договорот (уставот на ЕУ), на што се противат голем број членки. Бугарија е една од тие што изразуваат скепса кон таа идеја, а што секако е и сосем разбирливо. Како би можела Софија толку ефикасно да ја наметнува својата политика на притисоци и уцени за градење на (не)пријателство и добрососедство доколку би ѝ се одзело правото на вето?

Од друга страна, и некои други членки не ја кријат својата отворена скептичност кон најновиот бран иницијативи за ефективизирање на процеост на одлучување во рамки на ЕУ. Шведска, која по Чешка од 1 јануари ќе го преземе претседавањето со ЕУ, веќе подолго време заговара укинување на правото на вето во доменот на надворешната политика на Унијата, токму поради потребата да се добие една пофункционална и поефикасна ЕУ. Но, според шведскиот министер за европски прашања, Стокхолм засега не сака ни да слушне за отворање на ЕУ-договорот, туку тоа прашање би можело да биде предмет на дискусии „по повеќе години“.

 

Во Европа во последните години се редат изборни успеси на екстремно десничарските партии, кои не оставаат простор за сомневање дека со своите заложби сакаат да ја ослабнат ЕУ одвнатре. Последни што од неодамна добија уште позначајно место на списокот на екстремни националистички политичари во Европа, – кои, слично на француската десничарска лидерка Марин Ле Пен, со одбивност гледаат на сето она што што ја прави ЕУ да функционира како ефикасна европска организација за соработка, – се Шведските демократи, екстремна десничарска партија што постигна голем изборен успех и доби пресудно влијание во започнатото формирање на новата шведска влада.

Веќе се кренаа критички гласови дека таквиот развој ризикува да го загрози угледот и влијанието што Шведска несомнено го има како ЕУ-членка. Шведските демократи се спротивставуваат и велат „не“ на речиси сѐ што има врска со ЕУ. На пример, кога станува збор за принципите на правната држава. Со години наназад Шведска се вбројуваше меѓу членките што најмногу се залагаа да се придобијат Унгарија и Полска да ја почитуваат независноста на судовите и другите важни принципи на владеење на правото. Во шведскиот Парламент-Риксдаг сите партии – освен Шведските демократи – безрезервно ја поддржуваа таквата политика.

Доколку сега Шведските демократи добијат силно влијание во политиките на новата владина коалиција, тоа секако ќе фрли голема сенка врз добрите намери на Шведска во однос на клучните ЕУ-прашања. Во изминатите месеци ЕУ направи значајни чекори за заживување на процесот на проширување кон Исток. Шведска е една од членките што со децении, независно од политичките бои на владата, се залагаше ЕУ да продолжи да се зголемува. Не е никаква тајна дека Шведските демократи сакаат да ја затворат вратата за нови членки на ЕУ, така што тоа прашање сега одеднаш повторно станува актуелно во владините кругови во Стокхолм. Ако шведската влада им дозволи на Шведските демократи да ја одредуваат агендата, така што ќе почнат да го кочат натамошното проширување на ЕУ, тоа би било големо разочарување за сите земји кандитатки за членство, кои и понатаму сакаат да веруваат во Шведска.

Не е мал бројот на оние што се обидуваат да ѝ префрлат и затегнат јамка околу вратот на ЕУ. И во Италија се очекува преземање на власта од страна на десничарска коалиција предводена од партијата на Џорџија Мелони, екстремна десница со неофашистички корени, што не остава голем простор за некакви розови предвидувања околу иднината на ЕУ-проширувањето. Токму затоа, се чини дека за македонската влада е помалку важно прашањето да лицитира во јавноста и да прогласува конкретни рокови и датуми кога ќе се случи наредното проширување и прием на Македонија во членството на ЕУ.

ЕУ-роковникот е засега мошне дифузен за да може да се конкретизираат такви нешта. За македонската влада е мошне поважно, наместо да се врти кон датумите во европското неопределено време, да се сврти кон реформите кои на македонските граѓани ќе им овозможат барем малку подобар живот – овде и сега, – со помалку корупција, криминал, непотизам, длабоката партизација на вработувањата и со засилена борба за јакнење на судството и правната држава. Па и, да речеме, со помалку морски плодови во владината трпезарија. Граѓаните, и без ЕУ и со ЕУ, заслужуваат поголем респект и подостоинствен живот.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close