„Амнести интернешнал“ бара итен прекин на „незаконско протерување“ авганистански бегалци

Регионалната канцеларија на Меѓународната организација за човекови права „Амнести интернешнал“ за Централна Азија повика на итен прекин на практиките на „незаконско протерување“ авганистански бегалци од повеќе држави низ светот.
Според Организацијата, повеќе од пет милиони авганистански бегалци биле вратени во својата земја по 2023 година, главно од соседните Иран и Пакистан. Таа изрази загриженост и поради растечките дискусии во неколку европски држави за можни депортации на авганистански државјани.
„Амнести интернешнал“ наведува дека авганистански бегалци се неправедно приведувани, дека цели семејства се разделуваат и дека луѓе принудно се протеруваат без соодветна проценка на нивната потреба за меѓународна заштита.
„Никој не ја напушта својата татковина без причина“, порачаа од Организацијата, предупредувајќи дека депортациите во Авганистан се спротивни на меѓународното право, особено на забраната за враќање на луѓе во земји каде што се изложени на прогон, тортура или произволно задржување.
Организацијата додава дека, покрај сериозните прекршувања на човековите права, во Авганистан постои и тешка хуманитарна криза. Според податоци на ОН, над 21 милион луѓе зависат од хуманитарна помош.
Протераните лица во Авганистан се соочуваат со сиромаштија, невработеност, недостиг на основни услуги, проблеми со документи и одвоеност од семејствата. Ригорозниот режим на талибанските власти наметнува ограничувања на образованието и вработувањето жени и девојки, а земјата е погодена и од чести природни катастрофи како земјотреси и поплави.






