„Амнести Интернешнл“ ги обвини суданските паравоени сили за воени злосторства

Меѓународната организација за човекови права „Амнести Интернешнл“ ја обвини паравоената група која се бори против суданската армија, за извршување воени злосторства за време на нејзиниот напад претходно оваа година врз најголемиот камп за внатрешно раселени лица во регионот Дарфур.

Силите за брза поддршка (СБП), која е во војна со суданската армија, го опустоши кампот Замзам во април како дел од опсадата на градот Ел Фашер, главниот град на провинцијата Северен Дарфур. СБП го зазеде градот, последното упориште на армијата во Дарфур, во октомври.

Во извештајот на „Амнести Интернешнл“ се наведува дека нападот на СБП врз Замзам, кој траел неколку дена, вклучувал убиства на цивили, земање заложници и уништување на џамии, училишта и здравствени клиники, и дека тие треба да се истражат како воени злосторства.

– Ужасниот и намерен напад на СБП врз очајните, гладни цивили во кампот Замзам уште еднаш открива вознемирувачко непочитување на човечкиот живот, изјави Агнес Каламард, генерална секретарка на Амнести Интернешнл.

Извештајот на Амнести е најновиот во низата извештаи од меѓународни организации за човекови права кои ги обвинуваат СБП за злосторства за време на 30-месечната војна во Судан. Тие вклучуваат масовни убиства и силувања при напади врз градовите, особено во Дарфур. Суданската армија исто така е обвинета за злосторства за време на војната.

Борбата за власт меѓу армијата и СБП прерасна во војна во април 2023 година. Во конфликтот досега загинаа 40.000 луѓе, иако некои организации за човекови права тврдат дека жртвите се многу повеќе.

Back to top button
Close