Амзир Рушити (67) од Куманово во хумана мисија во Кочани – Ќе чисти 62 оџака во Кочани за да донира за повредените

Шеесет и седумгодишниот Амзир Рушити од Куманово, познат во градот како Дино, е во хумана мисија во Кочани. Негова цел е денеска и утре (втори и трети мај) да исчисти 62 оџака во градот, а собраните средства да ги донира на сметката на Црвен крст, за да им помогне на повредените од пожарот во нелегалната дискотека „Пулс“, за процесот на нивното лекување.

Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

„Сметам дека за нив тоа е нужно, им треба, а ние како граѓани, како луѓе пред сѐ, должни сме да си помагаме еден на друг во вакви ситуации“, изјави тој за Радио Кочани по доаѓањето во градот.

Ќе работи денеска и утре од рано наутро до вечер, а ако има потреба ќе остане уште еден ден. Смета дека луѓето кои сакаат да донираат, ќе ја искористат оваа можност да им бидат исчистени оџаците со професионална опрема.

Нова технологија

До денес сѐ уште трае верувањето дека дека оџачарите носат среќа за оној што ќе успее да скине влакно од нивната четка или копче од оџачарската униформа, но тоа е сѐ потешко да се изведе. Современите оџачарски четки се челични, а униформите помодерни и без копчиња.

Ако некогаш оџачарите оделе на работа пеш или на велосипед со ѓуле и четка во рака, и морале да се качуваат на покривите за да ги исчистат оџаците, денес не е така. Барем не за оџачарскиот сервис „Дино“ (единствениот регистриран за таа дејност во Куманово) кој користи современа технологија во работата. Станува збор за употреба на правосмукалка која го чисти оџакот и воедно го собираа целиот прав, со што се спречува дел од саѓите да паднат во просторијата.

Со таква опрема Дино ќе ја почне денешната работа, што му олеснува да ја исполни најавената мисија и зацртаниот план. Кога би работел со застарена опрема, за два дена би можел да исчисти само од 8 до 10 оџаци. Како ќе успее да исчисти триесетина оџаци дневно?

Вели дека прво со камери се прегледува што треба да се работи во оџакот, по што процесот на чистење оди брзо.

„Чистењето трае 15 минути. Не се качуваме на покрив. Машински и хемиски се работи. Ако работиме хемиски, пет минути ни треба за сета таа материја да се стопи. За пет минути таа материја ја собираме со правосмукалка. Ако е машински – работиме од долу, до покривот горе, зависи колкава е висината на една куќа или зграда. Во потешки ситуации за максимум 30 минути ја завршуваме нашата работа“, објаснува тој.

 

Син на оџачар

За акцијата на сервисот „Дино” се информирани Општина Кочани, тамошното противпожарно друштво и Црвениот крст, каде може да се пријават сите заинтересирани од градот, како и на бројот на сервисот 071 900 767.

„Апелирам до граѓаните на Кочани, да ги исчистиме оџаците“, повика тој со надеж дека временските прилики денеска и утре ќе бидат поволни за што побрзо да ја исполни целта.

Овој хуман човек, од дете го јадел оџачарскиот леб. Неговиот татко Ејдин исто така бил оџачар, и тоа последниот во Куманово, и од него Амзир го научил занаетот. Кога Ејдин починал, Амзир решил да ја продолжи работата на неговиот татко и во 2010 година го отворил првиот професионален оџачарски сервис. Истиот денес дава услуги и во Скопје, Крива Паланка, Кратово, а Амзир за себе тврди дека е единствен оџачар во земјата кој има лиценци од Франција и Србија.

Македонија подолго време се соочува со сериозен недостиг од едуцирани и сертифицирани оџачари. Освен тоа, проблем е и што оџаците најчесто се чистат само кога се целосно затнати, што претставува ризик за пожар, но и ризик за здравјето и за животната средина. Многу висок процент од пожарите се случуваат токму како резултат на неисчистени или неисправни оџаци. Притоа, дел од оџачарите во земјата сѐ уште работат со застарена опрема – ѓуле и четка. (Dw)

Back to top button
Close