Јанѕа
Почитувани читатели, во денешната колумна која ја посветувам на стечајот на Еуростандард банка ќе ми дозволите да проникнам во сопствената душа и да ја споделам со вас болката. Таа не е само моја, многумина како мене ги мачи.
Немирот во себе или народски кажано „јанѕа” манифестира непријатно чувство, сублимирано од многу непријатни настани од нашето секојдневие.
Веќе 4 години пишувам колумни со факти за пропустите, направени од институциите на системот, при носењето на Еуростандард банка во стечај. Епилог нема.
Со големо внимание го прочитав интервјутото на новиот Републички јавен обвинител,господинот Љупчо Коцевски, кој говори недвосмислено. Би сакал да му верувам дека Јавното обвинителство мора да си го врати интегритетот меѓу граѓаните со посветеност и транспарентност.
Во мошне мал сегмент од неговото интервју, господинот Коцевски ја пренесе во јавноста информацијата за зависност од централната васт во креирањето на буџетот на Републичкото обвинителство во целост.
Цитирам: ,,Владата нема пари и со закон пропишаниот буџет е неостварлив за оваа институција. Дел од нивното работење е покриено со финансиски донации од страна на нашите пријатели ЕУ и САД”.
Независноста на обвинителството и останатите институции во државата, најнапред се покажуваат со финансиска независност. Токму околу тоа го чувствувам стравот дали нештатат ќе почнат да се откриваат и разрешуваат.
Денес во предвечерјето на парламентарните и претседателски избори, сведоци сме на грозното секојдневие кое ни го креираат политичките партии во Република Македонија.
Убеден сум дека не сум единствен кој забележува дека функцијата претседател на Република Македонија е руинирана токму од политичките партии. Во Македонија важи правилото дека секој може да биде претседател, премиер, министер или да извршува било каква државна функција, без да ги има вградено во себе квалитетите кои таквата функција ги бара. Не може туку така да ги поимаме функциите кои живот значат за државата и безбедноста на нејзините граѓани.
Сета борба во политичкиот живот на Република Македонија се заснива на тоа кој ќе владее со буџетот на Република Македонија, знаејќи дека тој што владее со буџетот, од досегашната пракса на нашата независност, владее со сите институуции на системот во кој живееме.
Немирот во мене уште повеќе се засили после еден настан кој сакам да го споделам со вас.
Имав намера да се кандидирам за претседател на Република Македонија како независен кандидат. Согласно Уставот и процедурите за мојата кандидатура морав да назначам во канцелариите на ДИК свои претставници за контрола при собирањето на потписи и нотари. Без лажна скромност не сум непозната личност меѓу граѓаните во Република Македонија.
Со околу 80% од канцелариите на ДИК низ Македонија, кои се наоѓаат во мали урбани средини, се соочив со вистински проблем да најдам луѓе и нотари како мои соработници. Замислете, луѓето со кои контактирав во малите урбани средини се комплетно политички обоени и се плашеа да застанат зад мене, поради фактот како ќе реагираат неговите / нејзините сограѓани. Ваквиот факт беше уште посилен во урбаните средини кај моите сограѓани Македонци. Логично и покрај мојата нескриена желба да се кандидирам за претседател, се откажав, бидејќи станав свесен дека тешко ќе можам да допрам до моите сограѓани со своите погледи како треба да ја креираме нашата иднина. Зависноста од партиите на граѓаните кои живеат во малите средини е страшна и поразителна.
Јанѕата која е во мене е силна и верувајте ми, се плашам за перспективата на нашата држава и општество, а особено за граѓаните кои живеат во неа. Нескриената борба за власт и брзо богатење на поединци и групи во самите партии стануваат императив на нашето секојдневие. Политичките партии регрутираат и плаќаат во своите редови наемници кои треба да одработуваат нечесни работи за партиите. Ова за мене е синоним на себеуништување, на уништување вистински човечки доблести како чесност, посветеност, праведност и хуманост.
Жално е што криминалот и корупцијата е наше секојдневие, а ние молчиме.
Јас продолжувам со мојата борба за правда и вистина и не ја кријам мојата намера да се вклучам во политичкиот живот на Република Македонија.
Сакам да влијаам врз охрабрувањето и едуцирањето на нашиот граѓанин, дека не смееме да потклекнеме во градење на силно и праведно општество.
Вака ја покажувам мојата љубов кон Македонија.
Трифун Костовски