Анџелина Џоли во ненадејна посета на Херсон

Холивудската ѕвезда Анџелина Џоли, поранешна пратеничка на ОН за бегалци, денеска беше во ненадејна посета на градот Херсон, на југот на Украина, пренесоа украинските медиуми.
Американската актерка посети медицински установи, вклучувајќи породилиште и детска болница во градот кој беше окупиран од Русија неколку месеци во 2022 година, пренесоа локалните медиуми.
Локалниот функционер, Виталиј Богданов, објави на Фејсбук фотографија од Џоли во панцир со украински ознаки.
Ниту актерката, ниту украинската влада не ја коментираа посетата.
Холивудската ѕвезда, која беше специјален пратеник на ОН за бегалци од 2012 до 2022 година, веќе ја посети Украина неколку месеци по почетокот на руската инвазија и се сретна со раселени лица во Лавов, на западот на земјата. јт/






