Анѓушев: Оваа криза сега е полоша од Ковид кризата

Негативните последици врз економијата кои ги предизвика инвазијата на Русија во Украина се полоши од оние од корона пандемија и дополнително влијае врз зголемување на цените на енергенсите, вели во интервју за „Фактор“, проф. д-р Кочо Анѓушев, претседател на УО и извршен директор на „Фероинвест“ и „Брако“.
„На лошата ситуација наместо стабилизација која што ја очекуваме се накалеми уште полоша ситуација. И сега практично ситуацијата е двојно лоша. Економијата се уште не е заздравена од корона кризата и на сето тоа дојде оваа ситуација со Украина. Наивно е да е мисли дека ако немате директна соработка со Украина или Русија кризата вас нема да ве тангира. Без разлика дали имате или немате директна соработка оваа ситуација ќе влијае на вас. Тоа е многу едноставно, бидејќи енергијата ги засега сите. Не може енергијата да остане на исто ниво како пред кризата и овде зборувам за кој било енергенс – нафта, гас, електрична енергија, се’ останато се секундарни енергенси. На овие три енергенси цената во моментов вртоглаво им расте. Ако очекуваме да настане стабилизација брзо, навистина не треба да се надеваме дури и брзо да се разреши кризата од воен аспект. И во таков случај повторно со месеци, а можеби и повеќе од една година ќе има последици од тој конфликт“, вели Анѓушев.






