Анѓушев за случајот „токсично масло како мазут“: Никогаш не сум договарал увоз на мазут

Бизнисменот и екс вицепремиер Кочо Анѓушев ги демантира наводите во првата епизода од документарниот серијал „Редакција“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) дека на каков било начин е поврзан со случајот со увоз на токсично масло кое во земјава се користело како мазут, а како еден од корисниците била и неговата фирма „Брако“.

Тој потврди дека имал средба со претставник на босанската фирма „Хифа оил“ преку која маслото по потекло од „Унипетрол“ од Чешка, во земјава го увезувала „Евротим ГДС“ од Кичево. На оваа средба, според Анѓушев, бил и Илија Стрезовски од кичевската фирма но, како што вели, бил претставен како соработник од Македонија.

„Средбата не беше тајна, се случи во попладневните часови во Владата, за што има и во агендата и има и видео од неа. На таа средба зборуваме за учество на нашата земја на саем во Тешањ. Немаше ни м од мазут“, рече Анѓушев во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.

За наводите во емисијата дека корисници на вакво масло како мазут била и неговата компанија „Брако“, Анѓушев вели дека оваа негова компанија користи многу малку мазут, при што главно набвува од „Лил Оил“ и „Супертрејд“, а многу малку и ретко од кичевската фирма. Но, вели дека сите набавки се правени од домашни фирми, со документација.

Тој најави дека ќе инсистира да се докаже вистината, бидејќи по емисијата тој добивал закани преку социјалните мрежи, при што била објавена и неговата адреса, што смета дека ја загрозува неговата безбедност.

На 17 мај, во првата епизода од документарниот серијал „Редакција“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), беше објавено дека токсични масла опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз во Македонија влегувале како мазут, се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава.

Најголем „клиент“ на компанија од Кичево, која го увезувала спорното масло од Чешка преку Босна и Херцеговина, е поранешната фабрика ФЕНИ, а сега „Еуроникел“ од Кавадарци. Друга позната домашна компанија која го користела горивото, според наводите, е „Брако“ на бизнисменот и поранешен функционер Кочо Анѓушев. Според ИРЛ, двете компании почнале да го користат „босанскиот“ мазут по средба во Владата меѓу Кочо Анѓушев, како тогашен вицепремиер, и претставници на босанската и домашната фирма вклучени во набавката.

Back to top button
Close