Јанакиески до судот: Дали треба да се најде жртвено јагне за да ја понесе одговорноста за постапките на Груевски?

„Ниту сум прифатил, ниту сум дал насоки, ниту сум поттикнувал“, вели обвинетиот ексминистер Миле Јанакиески во завршните зборови на рочиштето за „Насилство во Центар“. Тој смета дека обвинението отсликува толкуван разговор од објавените „бомби“ и дека истото е креирано според исказот на осудениот сведок Томислав Лазаров. Во однос на доказите, Јанакиески тврди дека обвинителите не доставиле ништо со кое ќе потврдат дека ги сторил делата за кои го гонат. Тој во завршните зборови, обраќајќи му се на судијата, посочи дека очекува ослободителна пресуда, бидејќи, според него, на тоа укажуваат доказите кои се изведени.

„Ако добро се анализира старото и новото обвинение ќе видите дека истото е адаптирано на исказот на осудениот Томислав Лазаров, па сè што и се ставаше на товар на претходно обвинетата Даниела Рангелова е директно префрлено кај мене. Во неколкуте материјални докази кои беа презентирани пред судот, кои се однесуваат на овој кривичноправен настан, воопшто ме нема. Моето име не е спомнато и во ниеден исказ на сведок, ниту обвинет во насока на какво било дејствие од моја страна, дека јас сум го поттикнал некого да изврши кривично дело насилство. Денес се судам за шлаканици кои не се случија. Даниела Рангелова се ослободи, осудениот Томислав Лазаров се договори, Никола Груевски замина и остана Миле да биде огласен за виновен за некој да може да поентира од овој случај“, вели Јанакиески, според кого за случајот ќе одговара само тој бидејќи Груевски е помилуван, а на Кирил Божиновски му е застарено делото.

Во новото обвинение, Обвинителството тврди дека толпата станувала агресивна откако осудениот сведок Томислав Лазаров ќе испрател порака до Јанакиески, а обвинетиот реагираше на ваквото тврдење.

„Обвинетите потврдија пред овој суд дека ниту сме се познавале, ниту, пак, сум им давал некакви насоки или сум ги поттикнувал на дејствијата за кои се гонат со обвинителниот предлог. И замислете ја тука ситуацијата надвор пред салата има 2 до 3.000 лица, Томислав ми испраќа порака и потоа јас со волшебно стапче само во рок од 5 минути ги хипнотизирам тие 3.000 луѓе и тие веднаш почнуваат погласно да протестираат. Тука сакам да истакнам дека како што Даниела реално не можела со телефон во рака да контролира маса луѓе, не сум го можел, ниту јас преку пораки во рок од 5 минути да воспоставам контрола на 2 до 3.000 луѓе, а уште помалку на со обвинетите кои ниту ги познавав, ниту имав контакт со нив. Но, не е дозволиво и е надвор од разумно сè она што беше избришано кај Даниела од обвинителниот предлог да се става на мој товар преку изјава на Томислав Лазаров“, рече Јанакиески во завршните зборови.

Тој на рочиштето го праша судот дали треба да се најде жртвено јагне за да ја понесе одговорноста за постапките на Груевски, по што додаде дека е свесен какво влијание имале аудиоснимките кај јавноста, која го осудила уште при нивното објавување.

„Откако Груевски не е во Македонија, притисокот за понесување одговорност е врз мене. И затоа се водат осум постапки пред судот. Разбирам дека некој мора да биде осуден за да има привидно чувство дека правдата некого стасала, но она што не го разбирам е за каква правда зборуваме во мојов случај? Ако судот ја базира својата пресуда за мене врз основа на тоа што го изговорува Груевски во разговорот со мене, тогаш ќе направи враќање кон еден напуштен правен систем кога вербалниот деликт, односно кажаниот збор, доколку не ѝ се допаѓаше на државата да претставува кривично дело. Но, во мојот случај, тоа би било едно сосема ново ниво на кривична одговорност, односно ќе треба јас да одговарам кривично за искажан збор од друго лице“, вели Јанакиески.

Ако добие затворска казна, обвинетиот Миле Јанакиески смета дека ќе биде изречена без докази, а нема да донесе ниту правда, туку поголема неправда.

„Во јавноста веќе се лицитира со бројка за ефективна затворска казна, бидејќи по звучност на име некој пред јавноста треба да биде прогласен за виновен дури и без ниеден доказ. Судија, очекувам исклучиво да ја исполните обврската и заклетвата која ја имате дадено и да донесете праведна одлука со ослободителна пресуда за мене, како што впрочем и сите факти и докази недвосмислено покажуваат“, посочи Јанакиески обраќајќи му се на судот.

Back to top button
Close