Аналитичари за санкциите на САД: Јасно е кој ќе биде на удар!

САД добро ги знаaт проблемите, предизвиците и потребата од интеграција и стабилизација на регионот, но и цената ако тоа не се случи, оценуваат домашни аналитичари, пренесува Дојче веле.

Посилно од бомба одекна веста дека американскиот претседател Џо Бајден вчера донесе „Извршна наредба за блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуваат кон дестабилизација на состојбата на Западниот Балкан“.

Во регионот со интерес се анализира секој збор од наредбата, а она што ја тангира Северна Македонија, е делот кој прецизира дека таа се однесува на сите што директно или индиректно го попречуваат или загрозуваат спроведувањето на каква било регионална безбедност, мир, соработка или договор за заемно признавање или рамка или механизам за отчетност поврзани со Западен Балкан, вклучително и Договорот од Преспа од 2018 година и Охридскиот рамковен договор од 2001 година.

Според аналитичарот Пeтaр Арсовски, тоа што во извршната наредба се ставени дел од заштитените проекти на САД, односно санкции за нивните поткопувачи, е доволен политички сигнал која е намерата на Вашингтон со оваа одлука.

„Јасно е кој правец ќе го поддржуваат, и кој ќе биде на удар. Тоа покажува дека се исцртува нов засилен ангажман на САД овде. Нивна геостратешка определба е да го зацврстат овој регион кон НАТО и ЕУ. Особено што поголемиот дел од екипата во Стејт департментот многу добро го познава регионот, неговите проблеми, предизвици и потреба од интеграција и стабилизација, но и цената ако тоа не се случи“, вели Арсовски, додавајќи дека ова е само почеток.

USA Joe Biden | Erste PK im Weißen Haus

Професорот и амбасадор Нано Ружин смета дека дека наредбата на американскиот претседател за санкции (за сите кои ги загрозуваат Преспанскиот, Охридскиот, Дејтонскиот договор и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН), е продолжување на надворешната политика на САД од 2001 година, за одвраќање на сите оние што ја нарушуваат безбедноста на Балканот.

„Овој акт се однесува на екстремисти, политичари, интелектуалци, новинари. Нема да ме изненади да се прошири и на оние кои се против Договорот со Бугарија, и кои ги загрозуваат дипломатските решенија за Западен Балкан, со посебен осврт на корупцијата и организираниот криминал“, вели Ружин.

Според него, овој чин има и големо политичко – едукативно значење.

„Ова е голема шлакница и опомена за сите националисти, екстремисти, манипулатори, творци на лажни вести, а меѓу нив има и поранешни претседатели, партиски функционери, познати интелектуалци и самонаречени патриоти. Ова ќе придонесе кон подигање на политичката култура во нашата земја и во Западен Балкан“, уверен е Ружин.

Наредба со широк опсег

Веста со интерес се анализира и во соседна Бугарија, каде пред една недела САД воведе санкции за шест лица поради нивна голема улога во корупција во земјата, како и за организации и компании поврзани со нив.

„Извршната наредба на претседателот Бајден е толку широка во своето поле на опсег, што во практика го засегнува секој што во некаква форма пречи за европската интеграција на Западен Балкан или има сомнение за учество во корупциски афери“, пишува бугарскиот портал „Медиапул“.

„Во моментов Бугарија реално го блокира процесот на европска интеграција на Северна Македонија и Албанија. Ветото беше наложено од владата на Бојко Борисов, отако основниот притисок дојде од тогашниот вицепремиер и лидер на ВМРО, Карасимир Каракачанов“, потсетува порталот, наведувајќи дека бугарските власти се осомничени за сериозна корупција при издавањето бугарски пасоши на граѓани од Северна Македонија, Албанија и од Србија.

Како што е веќе познато, под американски санкции за овој случај од минатата недела се поранешниот претседател на Државната агенција за Бугари во странство (ДАБЧ) Петар Харалампиев, и нејзиниот главен секретар Красимир Томов. Освен за нив, САД воведе санкции и против контроверзниот бизнисмен Васил Божков, против медиумскиот магнат и бивш пратеник Делјан Пеевски и за Илко Желјазков, заменик претседател на Националното биро за контрола на специјални разузнавачки средства.

Boyko Borisov I Premier Bulgarien

Иако во ЕУ и претходно постоеше иницијатива да се реагира на сигналите за корупција во Бугарија, дури по санкциите од САД, Комисијата за граѓнски слободи, правосудство и внтрешни работи на Европскиот парламент реши наесен во Бугарија да испрати мониторинг група од 14 европратеници од трите најголеми политички групи.

Во мај на црната листа на САД се најдоа поранешниот албански премиер Сали Бериша и неговото семејство, а во последните неколку години заради корупција во БиХ под санкции се и двајца политичари: се уште активниот Никола Шпириќ (СНДС)) и поранешниот политичар и генерален секретар на СДА, Амир Зукиќ.

Закана за безбедноста и надворешната политика на САД

Американскиот претседател наведе дека одлуката ја донел затоа што „состојбата на територијата на поранешна Социјалистичка Федеративна Република југославија и Република на Албанија (Западен Балкан), во текот на изминатите две децении, вклучително и поткопување на повоените договори и институции по распадот на поранешната СФРЈ, како и раширената корупција во рамките на различните влади и институции на Западен Балкан, го спречуваат напредокот кон ефективно и демократско управување и целосна интеграција во трансатлантските институции, со што претставуваат невообичаена и извонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на САД“.

USA Antony Blinken

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, говорејќи за извршната наредба на американскиот претседател, изјави дека САД се посветени на обезбедување стабилност и безбедност на регионот, што ќе им овозможи на земјите од регионот да го „исполнат својот потенцијал како слободни и просперитетни демократии“

„Корупцијата предизвикува директна штета на надворешната политика, националната безбедност и економското здравје на САД и нашите сојузници и партнери. Затоа сме решени да промовираме одговорност и да се бориме против неказнивоста на оние кои се вклучени во значителна корупција на Западен Балкан и светот”, потенцира Блинкен.

Back to top button
Close