Анализа: Аферата за прислушување на ВМРО-ДПМНЕ се лизга во сопствените контрадикции
Скандалот што го отвори премиерот Христијан Мицкоски со тврдењето дека тој, заедно со новинари, бизнисмени и јавни личности, бил жртва на масовно незаконско прислушување, набргу прераснува во сериозен тест за кредибилитетот на власта. Наместо досега невидено откритие за злоупотреба на службите, јавноста гледа контрадикторни изјави, политички препукувања и недостиг на конкретни докази.
Неуосoгласеност меѓу изјавите на Мицкоски и директорот на АНБ
Најпрво, очигледно се судираат наративите на самиот Мицкоски и директорот на АНБ, Бојан Христовски. Додека премиерот јавно зборува за „лична жртва на системот“ и најавува „правна разрешница“, директорот на безбедносната агенција го релативизира случајот, велејќи дека се работи за „прибирање информации за таргетирани лица“, без да прецизира дали премиерот бил објект на оперативна обработка. Дали ова значи дека Мицкоски и другите не биле директно следени туку се во дел од регуларна оперативна обработка за трети лица кој Мицкоски воопшто не ја споменува? Нема никаков скандал ако агенцијата следела некое лице кое комуницирало со други лица од политиката, премиер министри и слично. Тогаш тоа не е спорно затоа што акцијата не е насочена кон премиерот, туку кон лицето за кое има оперативна обработка. Зошто ова не го кажува Мицкоски? Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски исто така директно го демантира Мицкоски, тврдејќи дека премиерот никогаш не бил следен од агенцијата во времето кога бил опозиционер.
Декласификацијата не е партиска нарачка туку демократска обврска
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ „блефира“ со барањето за декласификација, бидејќи тоа наводно не било можно без судска постапка и со одлука на надлежни институции. Но, токму поранешниот директор на АНБ, Димовски, повикува на итно декласифицирање на документите, особено оние што се однесуваат на Мицкоски. Тоа укажува дека постои легален и институционален механизам, и дека аргументот дека е „невозможно“ е повеќе политичко бегство отколку правна реалност.
СДСМ укажува дека Македонија еднаш веќе помина низ процес обелоденување на прислушуваните разговори. Тогаш јавноста слушна точно кој кого и зошто прислушувал. Зошто сега тоа би било невозможно?
Не може да има селективна транспарентност
Премиерот зборува за „злоупотреби“, „центри на моќ“ и „крај на времето на недопирливите“. Но токму тој и неговата влада се тие кои одбиваат да ги стават на увид доказите што ги ветуваат. Ако се инсинуира дека постои безбедносен скандал, тогаш јавноста има право да го знае целиот контекст, без калкулации и драматични изјави без покритие. Во спротивно, легитимно се поставува прашањето. дали станува збор за нова верзија на „дрон аферата“, „планови за дестабилизација“ и други слични наративи кои завршиле без епилог?
Од афера во офсајд: стари рецепти, нова недоверба
Од СДСМ, преку прес-конференцијата на портпаролката Богданка Кузеска и Фејсбук-објавата на Венко Филипче, предупредуваат дека ова е уште еден пример на политичка злоупотреба на службите и фабрикување афери, слично на стратегиите користени во времето на Никола Груевски. Кузеска отворено прашува: „Кој овде лаже?“ – алудирајќи на расцепот меѓу тврдењата на премиерот и директорот на АНБ.
Според нив, сè додека нема транспарентност и јасен институционален одговор, граѓаните ќе продолжат да гледаат на овие најави како на уште една кампањска завеса, наменета да го покрие реалниот неуспех на власта, од лошата економска состојба, преку кадровски скандали, до неисполнети изборни ветувања.