(АНАЛИЗА) Јавен сектор: вработени по етнички клуч и според образование

Во четири министерства застапеноста на етничките Македонци изнесува 70% од вкупниот број на вработени. Во седум ресори застапеноста на етничките Албанци е над 30%, пишува Порталб.мк. Во новообјавениот Извештај од Регистарот на вработени во јавниот сектор во 2023 се нотира дека лани под државна капа работеле 128 879 лица во вкупно 1 371 институција.

Етничка структура на вработените во јавниот сектор…

Од вкупниот број на вработени во јавниот сектор лани, според етнички “клуч”, 70,5% биле Македонци, скоро 22,1% етнички Албанци, 2,6% Турци а останатите заедници, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, биле застапени со помалку од 2 %.

 

Застапеност според етничка структура

Македонци                                    77 742       70,57%

Албанци                                          24 316        22,07%

Турци                                                 2 835           2,57%

Роми                                                  1 584           1,44%

Срби                                                   1 446           1,31%

Извор: МИОА

И во 2023 та во министерствата има големи разлики во застапеноста на етничките заедници. Новите годишни податоци покажуваат дека во четири ресори застапеноста на етничките Македонци е над 70% : во Министерството за земјоделство скоро 73%, во Министерството за одбрана 74,7%, во Министерството за транспорт и врски  од 71,3% и во Министерството за труд и социјална политика застапеност од 71%.

Од друга страна во Министерството за политички систем етничките Албанци се застапени со 84,71%. Зад овој ресор се Министерството за економија со 49,25% и Министерството за локална самоуправа со застапеност од 41,51%. Повеќе од 30% застапеност на етничките Албанци има во Министерството за животна средина 38%, Министерството за образование 37,8% и Министерството за правда 38,02%.

Етничка застапеност на Албанците

Мин за политички систем                       84,71%

Мин за економија                                     49,25%

Мин за локална самоуправа                  41,51%

Извор: МИОА

Помалку од 20% застапеност на етничките Албанци има во ресорите за одбрана, транспорт и за земјоделство. Од друга страна во Министерството за политички систем само 4,28% од вработените се етнички Македонци кои со помалку од 50% се застапени во Министерството за економија и во Министерството за локална самоуправа.

Ромската заедница со најголем процент од 3,13% е застапена во Министерството за правда а воопшто не е застапена во Министерствата за економија, за здравство, за локална самоуправа и за животна средина. Етничките Турци највисока застапеност од 5,22% имаат во Министерството за економија а со над 4% се застапени и во Министерствата за информатичко општество, за одбрана и за политички систем.

70,6% од вработените со високо и со средно образование ..

Просечната возраст на вработените во јавниот сектор лани била 46,2 години. Според образованието, најголем број или 52 881 вработен се со високо образование, 38 137 се со средно а 9 356 се со основно образование.

Образование профил на вработените

Високо образование                                     52 881

Средно образование                                    38 137

Основно образование                                    9 356

Во јавниот сектор биле регистрирани и 1 813 доктори на науки и 5 102 магистри. Според етничкиот клуч и степенот на образованието, вкрстените податоци од Регистарот покажуваат дека од вкупниот број на доктори на науки, 1 490 се Македонци,  321 Албанци,  29 Срби, 20 етнички Турци, 18 Власи и по 6 етнички Роми и Бошњаци.

Од вкупниот број на вработени според етнички и образовен “клуч” , 904 Албанци се магистри, 12 980 Албанци се со високо образование а 6 676 се со средно образование.

 

Back to top button
Close