АНАЛИЗА: ДДВ од 18% за сите пратки од Тему и Али Експрес – битка со сива економија или нов извор за полнење на буџетската каса?

Дали воведувањето на ДДВ од 18% за сите пратки платени електронски ќе значи и “борба” со сива економија. Дополнително се отвора и прашањето како државата ќе ги штити домашните производители од нелојална конкуренција од надвор ако воопшто нема домашно производство на конкретните производи, пишува Порталб. Бурни и бројни реакции предизвикаа предложените измени на Законот за данокот на додадена вредност, со кои ќе се укине ослободувањето од ДДВ за пратките нарачани онлајн во вредност и до 22 евра.

Став на економистите – системски мерки за заштита на домашните фирми..

 

Дали државата најде нов извор за полнење на буџетската каса или мотивот е да се заштити домашната економија – предлогот за воведување на ДДВ од 18% за сите онлајн нарачки, без разлика на нивната вредност, од популарните трговски платформи како Temu, Shein и AliExpress предизвика бурни реакции во домашната јавност. Еден од клучните адути на Министерството за финансии за воведување на ДДВ и за малите пратки, до 22 евра, е битката со сива економија.

 

“Измените ќе помогнат во намалувањето на сивата економија, особено ако се има предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби, односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар” – се наведува во образложението на министерството.

 

На странските трговски платформи редовни “клиенти” се обичните граѓани кои секојдневно нарачуваат нешто “ситно” со ниска цена која дури може да изнесува и 1 до 2 евра Според проценките на Министерството за финансии прометот кон странските онлајн платформи во одредени периоди, на месечно ниво достигнувал и до 65 000 евра ( 4 милиони денари).

“Сивата економија во трговијата се однесува на продажба без фискални сметки, непријавен промет и неплатени даноци , односно активности без легален финансиски траг. Во тој контекст, купувањата преку странски платформи како Тему не се дел од сивата економија, бидејќи се плаќаат по електронски пат и не вклучуваат прикриен приход” вели за “Порталб” економистот Благица Петрески.

Според неа сепак ваквите пратки претставуваат увоз на стока и според закон треба да подлежат на даночни и царински обврски. Затоа смета дека укинувањето на ослободувањето од ДДВ за пратки до 22 евра е чекор кон усогласување со европската пракса и обезбедување поголема даночна правичност меѓу домашните и странските продавачи.

Даночниот експерт Павле Гацов вели дека еден од нашите најголеми проблеми е сивата економија, но се сомнева дека со воведувањето ан ДДВ за нарачките по електронски пат ќе даде значен ефект за амортизирање на состојбата во “сивата зона”.

“Оваа најава практично значи дека со воведувањето на ДДВ од 18 % услугата, односно самата нарачка ќе биде поскапа, ова за граѓаните ќе значи нов трошок. Според мое мислење значаен ефект врз намалување на сивата економија нема да има” – вели Гацов.

Освен битка со сива економија, според државата, со оданочување на онлајн пратките ќе се заштити и домашното производство. Но економистите сметаат дека дел од сивата економија е и “домашниот онлајн пазар”.

“Вистинскиот предизвик не лежи во граѓаните што купуваат од Тему, туку повеќе во домашните онлајн продавачи кои продаваат идентична увозна стока без издавање фискални сметки и без пријавена дејност. Токму тие создаваат поголем простор за сива економија и нелојална конкуренција, иако формално се на домашниот пазар. Заштитата на домашните компании треба да оди во насока на еднаков третман на сите трговци, преку фискализација и контрола на домашната онлајн трговија, поедноставени процедури и пониски трошоци за легално работење, поттикнување дигитализација и онлајн продажба кај регистрираните фирми, и зголемување на потрошувачката доверба во формалните продавачи” – вели Петрески и додава дека ова е единствениот пат за да се постигне фер конкуренција.

Според последните објавени податоци на Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) во првата половина од годинава, вредноста на онлајн трансакциите во странство изнесувала 201 милиони евра што е за 55,1% повеќе во однос на истиот период минатата година. Според предложените законски измени малите пратки до 22 евра, пратени од физичко на физичко лице нема да се даночат, но над оваа сума ќе се преметува данок на износот што е над 22 евра.

Back to top button
Close