АНАЛИЗА: Финансиска (не)зависност на државните фондови!

И следна година двата најголеми државни фондови ќе се потпираат на пари од централниот Буџет. Вкупната “каса” на државниот Фонд за здравствено осигурување е проектирана на скоро 600 000 000 евра а на ПИОМ нешто над 1,3 милијарди евра. И двата фонда за редовно и непречено извршување на функциите ќе добијат пари од државниот Буџет, пишува “Порталб”.  Планирано е и формирање на нови фондови преку кои ќе вршат финансиски трансфери до општините.  Кои фондови со колку пари раполагаат и за што?

Фондот за здравствено осигурување догодина ќе раполага со Буџетот во износ од 593,7 милион евра,   од нив 11,3 милион евра се за зголемување на платите на сите вработени во јавното здравство.

“Приоритетите и целите на Фондот во 2022 година се во насока на одржување на финансиската стабилност на Фондот и финансиска стабилизација на целокупниот здравствен систем, континуирано и квалитетно задоволување на потребата од лекови, полесен и подобар пристап на осигурениците до потребните здравствени услуги” – се наведува во предлог – Буџетот за 2022 та.

Од централниот Буџет преку ставката “трансфери до вонбуџетски фондови” догодина планирани се средства во износ од 110 000 000 за ФЗО. Податоците од офцијалните документи на ФЗО покажуваат дека “зависноста” од централно ниво на финансирање се зголемува – во 2020 та година износот на вкупните трансфери и донации изнесувале 76,2 милиони евра  што претставуваат 13,1% од вкупните приходи на фондот. Догодина според буџетскиот план во овој државен фонд бројот на вработени не се очекува да се зголеми односно ќе остане на ниво како и годинава – 870 вработени. Буџетот на ФЗО  догодина во однос на годинава е зголемен за 17 милиони евра.

Значајно се зголемува Буџетот на Фондот за пензиско и социјално  осигурување кој во 2022 та ќе достигне 1,34 милијарди евра, што во однос на годинава претставува пораст за 40,7 милион евра.  Трансферот од Буџетот за ПИОМ догодина ќе изнесува 490 000 000 евра.

“Приоритетни цели во работењето на Фондот во 2022 година се: редовна и навремена исплата на пензиите и другите права од пензиското и инвалидското осигурување, усогласување на пензиите согласно законските прописи, навремена распределба на придонесите помеѓу Фондот и приватните пензиски фондови” – се наведува во Буџетот.

Бројот на врботени во ПИОМ и догодина треба да изнесува како годинава – 537. И овој државен фонд и натаму се “потпира” на буџетски средства – во 2020 та година трансферите биле во износ од 484 милиони евра додека пак со ребаланс на Буџетот за годинава трансферите надминуваат 500 000 000 евра.

Со ставката “тековни трансфери до вонбуџетски фондови” освен ПИОМ и ФЗО опфатена е и Агенцијата за вработување за која е планиран износ од 8,7 милион евра.

Како дел од новиот План за забрзан економски раст се предвидува формирање и зајакнување на други фондови кои би се насочиле  секторски.

“Планирано е да се воведат и користат различни извори на финансирање со кои би можеле да се финансира реализацијата на проекти, при што се планираат следните инструменти: Фонд за енергетска ефикасност, Фонд за локален и регионален развој, Фонд за истражување и развој, Хибриден стратешки зелен инвестициски фонд, Фонд на фондови, ризичен капитал, групно финансирање ” – се наведува во буџетскиот документ.

Како ќе се формираат дел од овие фондови, со какви суми ќе располагаа и како ќе се делат парите останува да се види.

Фондот за иновации со новиот Буџет за 2022 та ќе располага со средства во износ од 18,7 милион евра. Како дел од новата “буџетска инфраструктура” се два нови фондови преку кои ќе се таргетираат општините – Фонд за перформанси (успешност) и Фонд за воедначување.

“Фондот за перформанси ќе ги награди општините што имаат подобра наплата на локалните приходи, додека Фондот за воеданчување ќе делува во насока на намалување на разликите согласно фискалниот капацитет на општините. Имено, општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи ќе добијат повеќе средства од Фондот за перформанси, а од Фондот за воедначување општините, коишто имаат пониски приходи заради ограничен капацитет на ресурси, но истите покажале фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи” – се наведува во новиот Буџет.

Од кои извори и како ќе се полнат овие фондови?  Следната година, откако ќе почне постепеното зголемување на средствата предвидени за општините, во Основниот фонд и Фондот за воедначување ќе се распределат по 0,25%, соодветно, додека во Основниот фонд 4,5%. Во 2023 година кога приходите од ДДВ се искачуваат на 5,5 % од наплатениот ДДВ остварен во претходната фискална година во Фондот за перформанси и Фондот за воедначување ќе се распределат по 0,5 %, соодветно, додека во основниот 4,5%.

Сепак во пакет со овие нови фондови се најавува и регулатива со која ќе се заострат критериумите за контрола на финансиска дисциплина на локално ниво.

Back to top button
Close