Анализа на „Фајненс тинк“ за економските ветувања во изборните програми на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Двете партии во своите програми ветуваат раст на економијата од 5 отсто (ВМРО-ДПМНЕ) односно 5,1 отсто (СДСМ) до 2028 година. Проценките на тинк-тенкот кои, како што се наведува во анализата, се речиси целосно во линија со проекциите на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), дека просечен раст поголем од 4 отсто за претстојниот четиригодишен период е невозможен, дури и под претпоставка да нема нови големи шокови во глобалната економија

Тинк-тенк организацијата „Фајненс тинк“ (Finance Think) во кратка анализа насловена „Став 61“ ги сумира ветувањата во сферата на економијата во изборните програми на двете најголеми политички партии во македонскиот блок – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

 

Анализата на „Фајнанс тинк“ се осврнува на осум економски категории од програмите на двете партии – Раст на економијата, Вработеност, Инвестиции, Плати, Пензии, Социјална помош, Даноци и Субвенции.

Во неа се прави директна споредба на ветувања на партиите, со краток коментар сумиран во ставот на тинк-тенкот кој, како што велат оттаму, го темелат на долгогодишната работа на продуцирање научни докази врз база на податоци, чија референција е дадена низ текстот на анализата.

 

Раст на економијата

Така, во однос на ветувањата за растот на економијата, во анализата се нотира дека програмата на СДСМ проектира просечен раст на бруто-домашниот производ (БДП) за периодот 2024-2028 година од 5,1 отсто, додека во изборната програма нивниот политички опонент ВМРО-ДПМНЕ е за постепено забрзување на моменталниот раст до 5 отсто во 2008 година. Ова, според „Фајненс тинк“, дава просечен раст на БДП за целиот четиригодишен период од четири отсто.

 

Проценките на тинк-тенкот кои, како што се наведува во анализата, се речиси целосно во линија со проекциите на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), дека просечен раст поголем од 4 отсто за претстојниот четиригодишен период е невозможен, дури и под претпоставка да нема нови големи шокови во глобалната економија.

„Под претпоставка на отсуство на значајни нови шокови во глобалната економија – особено шокови на страната на понудата кои може значајно да влијаат врз цените и/или да наметнат ограничувања и блокади во понудата на важни добра во делот на исхраната, енергијата и кај инпутите на клучни индустрии за европскиот континент – Северна Македонија може да постигне раст кој ќе се движи околу потенцијалниот раст од 4-4.5% на среден рок од 3-4 години, што би резултирало со просечен раст од 4% или нешто пониско“се вели во анализата.

Програмите на двете политички програми, според „Фајненс тинк“ се прилично воедначени во делот на изворите на растот. И двете партии, се наведува, ја потенцираат амбицијата за поголема додадена вредност, поголема продуктивност и конкурентност на економијата и планираат да ги постигнат преку поголеми инвестиции во човечкиот капитал, поддршка на извозот и јакнењето на извозните капацитети, поддршка на системот на иновации и претприемништво.

Сепак, како што забележува анализата, за искористување на овие фактори на економскиот раст, потребно е да бидат земени предвид слабостите на системот, слабата реализацијата на клучни стратегии и стагнацијата кај клучни реформи во изминатиот период. Како пример во последниот сегмент се посочуваат недоволноста на образовните реформи, отсуството на транзиција на работната сила од системот на социјална заштита кон пазарот на труд, произволниот систем на државна помош, компромитациите во системот за поддршка на иновациите и сл.

„Двете програми ги акцентираат домашните и странските инвестиции, но програмата на ВМРО-ДПМНЕ повеќе го нагласува фокусот врз привлекувањето странски инвестиции, иако тоа го прави и програмата на СДСМ преку концептот на ‘near shoring’, односно привлекување странски инвестиции кои поради геополитичките фрагментации се селат поблиску до своите фирми мајки“,се наведува во анализата.

Земено сумирано, впечатокот на анализата на програмите на двете политички партии во поглед на моделот за економски раст е дека ВМРО-ДПМНЕ скорo исклучиво се потпира на концептот на создавање на нова додадена вредност во економијата, додека за СДСМ покрај создавањето нова вредност и понатаму важна останува редистрибуцијата на веќе создадениот доход.

 

Вработеност

Во врска со вработеноста, програмите и на двете политички партии предвидуваат намалување на невработеноста. Разликата во амбициите е мала и изнесува 0,5 процентни поени, односно СДСМ ветува намалување на невработеноста до 2028 година за 7 отсто, додека кај ВМРО-ДПМНЕ овој процент е 7,5 отсто. Ова е еднакво на креирање дополнителни околу 50 000 работни места, што е сосема реалистично за следниот четиригодишен период.

Сепак, од „Фајненс тинк“ укажуваат дека за остварување на оваа цел неопходно е соодветно управување со контингентот на невработени лица во земјава, во смисла на потребата за нивна доквалификација, преквалификација, оневозможување потпирање врз системот на социјална помош неограничено долго и оневозможување остварување доходи во сивата економија.

„Дополнително, остварувањето на оваа цел е можно само во услови на контролирано потпирање врз странски работници, главно преку програма за увезување работници во сектори за кои работници не може да се обезбедат преку домашниот контингент на расположлива работна сила“се вели во анализата.

Во контекст на оваа категорија, во неа се додава дека ветувањето на СДСМ за намалување на работното време од осум на седум часа дневно е целосно неконзистентно со ветувањата за повисок раст и поголема продуктивност кои, како што се додава во анализата, може да се постигнат само со поголем напор и вложување, односно со повеќе работа и работни часови.

 

Инвестиции

Во делот на инвестициите, програмата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува капитални инвестиции од три милијарди евра за целиот мандат, додека програмата на СДСМ од 3,5 милијарди евра.

Иако пожелни за раст на економијата, овој контингент на капитални инвестиции, според „Фајненс тинк“, мора да се набљудуваат во контекст на капацитетот на државата во реализацијата на овој тип инвестиции, кои се движат околу 500 милиони евра годишно.

„Без отстранување на системските слабости за планирање, приоретизација, технички капацитети за тендерирање и имплементација од страна на институциите, овие ветувања се тешко изводливи“се посочува во анализата.

Од „Фајненс тинк“ велат дека капиталните трансфери до општините во обем од 250 милиони евра годишно што ги ветува ВМРО-ДПМНЕ во својата програма би влијаеле позитивно на економскиот раст, но овие трансфери се додава во анализата мора да бидат строго сврзани со капитални инвестиции и со зголемување на наплатата на данок на имот од страна на општините што е нивен важен извор на приход.

 

Плати

Како директно ветување платите се споменуваат само во програмата на СДСМ, но не и во ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ. До 2028 година СДСМ ветува просечна плата ќе изнесува 1 100 евра, а минималната 600 евра. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, пак се спомнува дека платите во јавниот сектор ќе растат со растот на економијата, што може да е индикација дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на сите плати е дека ќе резултираат од растот на економијата, се вели во анализата.

Ваквиот став, според тинк-тенкот, е стабилен и конзистентен со принципите на пазарната економија. Од друга страна, ветувањата за конкретен раст на платите, како што е случајот во програмата на СДСМ, кои не се под директна контрола на владата, според „Фајненс тинк“ може да испрати погрешни сигнали за информираниот гласач. Последниот став е стабилен и конзистентен со принципите на пазарната економија. Обврзување кон конкретен раст на платите, кои не се под директна контрола на владата, може да испрати погрешни сигнали за информираниот гласач.

„…Неопходно е да се забележи дека растот на платите во последните 2-3 години во голема мера, иако не исклучиво, е последица и на приспособувањата со растот на ценовното ниво“,се посочува во анализата.

Пензии

Во однос на пензиите, програмата на СДСМ предвидува раст на просечната пензија до 30 000 денари до 2028 година, а на минималната пензија до 20 000 денари. Во однос на моменталната просечна пензија, предвидениот раст изнесува 50 отсто, односно 11 отсто просечен годишен раст. Програмата на ВМРО-ДПМНЕ, пак, предвидува по 5 000 денари за секој пензионер најдоцна до крајот од првата година, односно раст на пензиите во првата година од 25 отсто.

Од „Фајненс тинк“ велат дека остануваат на ставот, искажан во повеќе наврати дека раст на пензиите кој отстапува од формулата за нивно усогласување со растот на просечната плата и растот на цените, ќе ја наруши патеката на стабилизација на Фондот за ПИОМ, којшто помина низ блага реформа во 2018 која ја овозможи таа стабилизација.

 

Социјална помош

Социјалната помош, според анализата на тинк-тенкот, е надвор од фокусот во политичките програми и на двете партии, иако СДСМ во својата дава фокус и врз редистрибуцијата на доходот.

„Програмата на СДСМ се фокусира врз подобрување на системот на активација на примателите на социјална помош и на јакнење на социјалните услуги, што е соодветен став и е во линија со нашите на наоди во Студија за политиките 31“велат од „Фајненс тинк“.

Од друга страна, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е наведено дека социјалната помош ќе се зголемува, но не се дадени детали како и во колкав износ. Ова анализата го зема како индикација дека таа ќе се усогласува според постојните механизми за усогласување.

„Последново е соодветен став кон социјалната помош, иако одредени приспособувања, како на пример, двократното усогласување со растот на цените, или одредени интервенции во делот на помошта за деца, може да обезбедат подобри исходи за животниот стандард“,се додава.

Даноци

Во врска со даноците, анализата на „Фајненс тинк“ оценува дека СДСМ во линија со своите ставови за редистрибуција на доходот и богатството, предвидува воведување данок на луксуз (богатство), за што не се дадени поконкретни контури, како и разгледување модел за прогресивно оданочување на доходот. Дополнително, СДСМ предвидува данок на доход од 0 проценти на минималната плата. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ изнесува став за задржување на сегашните даночни стапки и подигнување на прагот за регистрација за ДДВ-обврзник на три милиони денари.

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ, според анализата, фокусот го поместува врз борбата со сивата економија, како неопходен услов на среден рок да се дојде до поголема даночна база и поголеми даночни приходи.

Од „Фајненс тинк“ велат дека целосно се согласуваат со овој став, а го базираат на четири факти:

Сивата економија во Северна Македонија е флагрантна со конзервативна проценка од 21,3 отсто од вкупната економија, што е еднакво на неприбрани даночни приходи од најмалку 700 милиони евра годишно,

Сивата економија е широко распространета и поприма различни форми од непријавени работници, нецелосно пријавена работа, нецелосно пријавен промет и нецелосно пријавување на доходот на домаќинствата,

Сивата економија бара и мерки кои поттикнуваат формализација и мерки за казнување,

Поголеми и прогресивни даноци во услови на сива економија и недоволно силни механизми за борба со неа, поттикнуваат даночна евазија и оттука поголемо прибегнување кон сива економија.

„Во однос на ветувањето за 0% данок на доход за примателите на минимална плата, укажуваме дека иако обезбедува соодветна прогресивност во оданочувањето, сепак ќе предизвика дисторзија во услови на застапеност на сивата економија кај примателите на минимална плата“,се вели во анализата.

Субвенции

Во однос на субвенциите програмите и на двете партии, според „Фајненс тинк“ навестуваат генерално придржување кон моменталните модели на субвенции.

 

„Се осврнуваме на две групи субвенции: за земјоделци и за домашни фирми, бидејќи тие се најголемите давања државна помош. Програмата на СДСМ предвидува вкупен износ за земјоделски субвенции од 850 милиони евра (директна финансиска поддршка и поддршка за рурален развој), што е просечен годишен износ од 215 милиони евра, додека соодветниот износ во програмата на ВМРО-ДПМНЕ изнесува 180 милиони евра. Двата ветени износа се значајно над моменталните остварувања од околу 130 милиони евра. Дури и износите да се зголемат на предвидените нивоа, поважниот аспект на земјоделските субвенции со кој политичките програми не се занимаваат или се занимаваат маргинално (ВМРО-ДПМНЕ) е потребата што побрзо да се напушти моделот на распределба на субвенциите по принцип на инпути (единица површина или грло добиток) и да се премине на принцип на аутпути (квалитет на производството, односно обем на производство по единица површина). Двете програми предвидуваат поддршка на технолошкиот напредок и иновациите во земјоделството, преку понатамошно искористување на програмата ИПАРД“,

 

се наведува во анализата.

Во однос на поддршката со државна помош на компаниите, двете програми поголем акцент ставаат на поддршката на домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите. СДСМ предвидува задржување на постојното решение со 180 милиони евра државна помош годишно, а со сличен став е и ВМРО-ДПМНЕ, без наведување конкретен износ и со навестување приспособувања на Законот кон поголеми износи и фокус кон извозни компании.

Back to top button
Close