Анализа: Подемот на екстремната десница може да го забави новиот моментум во проширувањето на ЕУ
Повеќе од две децении по Самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун во 2003 година, на кој Унијата формално се обврза на интегрирање на регионот и им понуди јасен пат на западнобалканските земји за членство во блокот, пристапниот процес се наоѓа на крстопат, особено со подемот на десничарските и евроскептичните политички сили, кои потенцијално претставуваат предизвик за агендата за проширување на ЕУ, се наведува во анализа на Грчката фондација за европска надворешна политика (ЕЛИАМЕП).
Во анализата насловена „Подемот на радикалната десница и евроскептичните политички сили и неговото влијание врз политиката на проширување на ЕУ“, се оценува дека пред 2022 година преовладуваше чувство на замор од проширувањето поради долготрајните преговори, билатералните спорови и недостигот на напредок во пристапниот процес.
– Сепак, руската инвазија врз Украина му даде обновен политички моментум на процесот поттикнувајќи посилна политичка поддршка за него од земјите членки на ЕУ и на крајот доведе до отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија, а Грузија доби кандидатски статус. По ова, во март 2024 година, Европскиот совет даде зелено светло и за старт на преговорите и со Босна и Херцеговина, убеден дека земјата ги исполнила сите 14 клучни приоритети поставени од страна на Брисел во 2019 година, се наведува во текстот на ЕЛИАМЕП.
Авторите на анализата посочуваат дека според податоците од студија на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), во февруари 2022 година јавната поддршка за проширувањето на ЕУ е зголемена во речиси сите земји членки, што се отсликува и во изјавите на политичките лидери, вклучително и францускиот претседател Емануел Макрон, кој го напушти својот претходно колеблив став, наведувајќи дека ЕУ треба да прими нови членки „што е можно побрзо“.
– Но, иако руската инвазија врз Украина генерално го поттикна процесот на проширување на ЕУ, таа исто така го префрли фокусот кон Исток, навидум подалеку од Западниот Балкан, се наведува во анализата.
Во неа се потсетува дека во септември 2023 година група од 12 француски и германски експерти објавија извештај по нарачка на владите од Франција и Германија во кој детално се опишани реформите што треба да ги направи ЕУ пред да прими нови членки.
Овие предлози вклучуваат премин од одлучување со консензус кон гласање со квалификувано мнозинство во повеќе области, меѓу кои и надворешната и даночната политика, со цел да се рационализира носењето одлуки, како и прилагодување на „тежината на гласот“ на секоја членки во Советот на ЕУ согласно демографската и економската реалност на проширената Унија.
Француско-германскиот извештај натаму ја нагласува потребата од овозможувањето пофлексибилна соработка меѓу земјите членки со различни нивоа на подготвеност за интеграција, вклучително и воведување на статус на придружно членство, потоа зголемување на буџетот за справување со предизвиците на „поголемата Унија“ со потенцијално реформирање на Повеќегодишната финансиска рамка за да се обезбедат соодветни финансиски ресурси за земјите кандидати, како и суштинска реформа на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), особено за да се приспособи на Украина.
– Предлогот за потенцијален премин кон гласање со квалификувано мнозинство во Советот за политички чувствителните области, како што се надворешната и политиката на проширување добиваат на интензитет во одредени европски метрополи, особено во Западна Европа. Индикативно е и лансирањето на т.н. „Инклузивна група на пријатели за поттикнување на гласањето со квалификувано мнозинство за заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, иницирана од Германија, на кон која и се приклучија и Белгија, Италија, Луксембург, Словенија, Романија, Финска, Франција, Холандија и Шпанија, со цел „да се забрза нашето одлучување за поддршка на Украина и во услови на растечките меѓународни предизвици со кои се соочува ЕУ“, се додава во текстот.
Во анализата се оценува дека овој притисок за воведување на гласање со квалификувано мнозинство во голема мера беше поттикнат од ветата на унгарската десничарска и популистичка Влада за воената и финансиската помош од ЕУ за Украина и за предложените пакети санкции против Русија, кои Будимпешта често ги укинуваше во замена за отстапки од страна на Брисел.
Токму подемот на екстремно десничарските и десно популистички сили, според авторите на анализата, го одразуваат трендот на раст на десничарскиот евроскептицизам, што потенцијално претставува значителен предизвик за агендата за проширување на ЕУ.
– Како што овие партии продолжуваат да добиваат на сила низ земјите членки, тие го менуваат политичкиот пејзаж и го поткопуваат долгогодишниот консензус околу интеграцијата во ЕУ. Клучни двигатели на ова значајно поместување на политичкото нишало в десно се јавното незадоволство од миграцијата, економските разлики и перцепцијата за губење на националниот суверенитет, се наведува во текстот.
Во анализата се оценува дека ваквата политичка динамика би можела да ги преобликува процесите на донесување одлуки во блокот, особено оние поврзани со земјите кандидати за членство во ЕУ.
– Скептицизмот на радикалната десница во однос на натамошното проширување покренува сомнеж околу изводливоста за интегрирање на земји како Украина и Босна и Херцеговина, особено поради актуелните конфликти и политичка нестабилност, се додава во текстот.
Авторите на анализата наведуваат дека иако некои од овие екстремно десничарски партии, како шпанската Вокс или Шведските демократи (СД), се уште немаат изградено јасен став кон проширувањето, сепак нивниот подем и зголемено влијание во јавноста несомнено ќе влијаат на идната траекторија на движење на ЕУ и во следните години веројатно ќе резултираат со политизирање на прашањето за пристапниот процес .
Во текстот се потенцира дека ова во голема мера се должи на поврзаноста на проширувањето со другите чувствителни теми за овие партии, како што се миграцијата, фискалната политика, земјоделството и националниот суверенитет, кои се фундаментални прашања во нивните агенди и влијаат на обликувањето на нивните ставови кон пристапниот процес.
Првата загриженост на десничарските партии во однос на приемот на нови членки, според анализата, се поврзува со финансиските трошоци од проширувањето, кои би се зголемиле со пристапувањето во блокот на економски помалку развиени држави.
– Така, на пример, холандската Партија на слободата (ПВВ) поддржува „штедлива“ економска позиција, тврдејќи дека приемот на помалку развиени земји ќе предизвика непотребно финансиски оптоварување на земјите членки кои се нето придонесувачи во ЕУ. Слични ставови изнесуваат и францускиот Национален собир (РН), Алтернатива за Германија (АФД), Шведските демократи (СД) и Партијата на слободата на Австрија (ФПО), кои доаѓаат од земји нето придонесувачи и се загрижени поради дополнителните буџетски оптоварувања, се оценува во текстот.
Во анализата се додава дека проширувањето е тесно поврзано и со миграцијата и слободата на движење, што е втората причина на загриженост на радикалните десничарски партии за кои прашањата за миграцијата и безбедноста се едни од клучните прашања.
– РН во својот дискурс често проширувањето го поврзува со зголемената илегална имиграција и организираниот криминал. И АФД и ФПО се фокусираат на антимиграциските наративи, особено насочени кон муслиманското население, додека ПВВ става поголем акцент на културните и социјалните ризици, се додава во анализата.
Според нејзините автори, позициите на овие партии кон проширувањето се поврзуваат и со нивните односи со Русија, загриженоста за геополитичките последици и со јавното мислење кон пристапниот процес.
– Долгогодишниот толерантен, ако не и поволен, став на АФД кон Русија, резултира со нејзино противење на пристапот на Украина и Молдавија кон ЕУ. Во Австрија и Германија, каде што постои значаен скептицизам кон проширувањето, ФПО и АФД имаа за цел да капитализираат од овие ставови за добивање поголема изборна поддршка. Дополнително, овие две партии формулираа наративи согласно ставовите на нивната целна гласачка база, се наведува во анализата.
Уште едно клучно прашање за екстремните десничарски партии е функционалноста на ЕУ и националниот суверенитет на земјите членки. Овие партии, како што се потенцира во текстот, проширувањето го врзуваат со најавите за реформи во функционирањето на ЕУ, вклучително и со укинувањето на консензусот при одлучувањето, што според нив може да доведе до поткопување на националниот суверенитет на земјите членки.
– Така, иако преминот кон гласање со квалификувано мнозинство може да го рационализира носењето одлуки, тој исто така може да ги зголеми тензиите меѓу земјите членки, создавајќи им на радикалните десничарски партии плодна почва за засилување на нивниот евроскептичен дискурс, се оценува во текстот.
Од овие причини, според авторите на анализата, ЕУ треба внимателно да се движи низ овие процеси за зајакнување на единството и проширувањето, балансирајќи со предизвиците што ги поставуваат екстремните десничарски партии.
– Зголеменото влијание на овие партии ги усложнува процесите на носење одлуки во ЕУ. Од една страна, нивниот скептицизам може да ја забави или попречи политиката на проширување, особено во однос на Украина и Западниот Балкан, а од друга страна, нивниот фокус на суверенитетот и националниот идентитет покренува прашања за интегративниот модел на ЕУ, што потенцијално води кон алтернативни рамки како што се „Европа со повеќе брзини“ или придружни членства, се заклучува во анализата на Грчката фондација за европска надворешна политика (ЕЛИАМЕП).
Сашко Панајотов
Фото: МИА