АНАЛИЗА: Пристојни пензии за малкумина, борба за преживување за многумина
Некои пензионери на крајот од месецов, други на првиот ден од април ќе ја добијат пензијата за март зголемена за 2.500 денари. Со вториот дел се заокружува линеарниот раст на пензионерските примања за вкупно пет илјади денари. Веројатно, од септември повторно ќе се врати во примена методот на усогласување – по 50 проценти со трошоците на животот и со движењето на просечната плата.
Во меѓувреме, и од ММФ препорачаа пензиите во иднина да се прилагодуваат единствено кон стапката на инфлација. Или – растот повторно да се насочи кон системот на правила, со што ќе се поддржува фискалната консолидација, а воедно ќе се штити и куповната моќ на пензионерите.
А, како се движеа пензиите во текот на минатата година, со кое темпо се зголемувал бројот на новите корисници, покажува статистиката на Фондот за пензиското и инвалидско осигурување, врз која се заснова оваа анализа на порталот Пари.
Што се однесува до пензионерите, нивото се одржува над 330 илјади. Според податоците од ПИОМ, бројот на корисниците на кои им била исплатена пензија бил најнизок во април – 337.054, додека највисокиот е забележан во декември – 345.794.
Нивните месечни примања, сѐ до септември лани, растеа според методологијата востановена од претходната владејачка гарнитура. Со промената на власта го добија првиот дел од линеарно ветените пет илјадарки. Овој потег дел од стручната јавност го оцени како упад во пензискиот систем, кој ќе има долгорочни последици од аспект на зависноста од буџетските дотации. Но, и како директен удар врз вториот столб, за кој веќе се заговараат промени, при што се споменува и негово укинување.
Еве како влијаеле усогласувањето од 5,30 проценти во март и потоа септемвриските 2.500 денари врз просечната пензија.
Голем дел од пензионерите, кои во текот на работниот век немале високи плати или придонесите им биле уплаќани на минимален износ, се приматели на ниски пензии. Тука се и стечајните работници. Затоа, меѓу барањата со кои настапуваа на протестите беше и утврдување на минимална пензија од 18, односно 20 илјади денари.
Најниските законски пензии во првите два месеци од минатата година беа во опсег од 12.528 до 16.058 денари. По нивното нивелирање во март се движеа од 13.192 до 16.909 денари. А, од септември се зборува за износи од 15.692 до 19.409 денари. Предодредени на овие примања се речиси 90 илјади пензионери. Или, бидејќи бројките имаат месечни промени, со тие пари месеците се принудени да ги врзуваат од над 86 до над 89 илјади наши сограѓани.
Пристојни пензии, кои од септември се движат од 59.981 денар па нагоре, имаат помалку од еден процент од македонските пензионери. Изразено со бројки, нешто повеќе од три илјади лица.
За линеарното зголемување властите тврдат дека ја исполнува целта, го штитат животниот стандард на пензионерите. Особено на тие со најниски пензии и често повторуваат дека на овој начин е исправена неправдата кон нив. Пензионерите, пак, велат, секое зголемување е добродојдено. Но, многу поправедно ќе биде доколку се пристапи кон скалест раст на нивните примања – повеќе проценти за ниските, помалку за високите пензии.
Со линеарката за 2.500 денари се зголемија и највисоките пензии. Минатата година прво беа на прагот од 76.035 денари, потоа 80.280 денари, и на крајот 82.780 денари. Од јуни корисници на максималните примања се 27 лица. Секако, со втората рата од 2.500 денари, од овој месец ќе достигнат 85.280 денари.
Најчестите поплаки на пензионерите, на тие со (пот)просечни месечни примања, се дека се во постојана трка со цените. Немаат големи потреби, но освен за храна и сметки, парите тешко стигнуваат дури и за лекови, а не, пак, за нешто повеќе.
Колку мартовските 5,3 проценти и септемвриските 2.500 денари го пресретнале растот на цените? Годината заврши со инфлација од 3,5 проценти. Цените на прехранбените производи бележеа континуиран раст. Или, во текот на 2024 (според податоците од Министерството за финансии) само зеленчукот поскапе за 12,7 проценти, млекото, сирењето и јајцата за 7,5 проценти, месото за четири проценти…
Работите мора да се менуваат, нагласуваат пензионерите активисти, кои за порталот Пари велат дека бараат коренити промени на пензискиот систем, но и да се провери како се трошеле пензионерските пари што тие ги издвојуваат во здруженијата.
Продолжение од оваа анализа ќе биде јавно достапна утре 02.04.2025 година.
Целата објава на следниот линк: https://pari.com.mk/pristojni-penzii-za-malkumina-borba-za/